
Уште еден од демонстрантите кои упатија закани за време на протестите поврзани со одземањето возила на лица што управувале без возачка дозвола јавно се извини, откако премиерот Христијан Мицкоски најави „жесток одговор“ кон ваквото однесување.
Станува збор за Феим Мемишовски, еден од учесниците на протестите во битолскиот регион. Во видео снимено во домашна атмосфера, тој изјави дека направил грешка и дека жали за своето однесување.
„Се извинувам до Владата, до претседателот, до премиерот. Пред два дена дојде син ми и ми кажа ‘татко, ми ја земаа колата, полицијата’. Јас од возбуда реагирав, ама згрешив многу. Се извинувам што се понашав безобразно кон власта и премиерот. Повеќе нема да ми се случи ова“, вели Мемишовски во видеото.
Во меѓувреме, Независниот синдикат на полицијата (НСП) вчера поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Битола против две лица, Р.М. и Ф.М., поради сериозни закани упатени кон полициски службеници.
Од Синдикатот информираат дека во пријавата е предложено осомничените да бидат повикани на распит и да се разгледа можноста за определување притвор, со цел да се спречи повторување на делото или реализација на заканите. Како доказ до Обвинителството се доставени извадоци од видео материјали со спорните изјави.

