Skip to main content
Uncategorized

Демант од Александар Нацев: Нема докази дека сум сопственик на „Рубикон“

10/07/2026  09:29

Подолу во текстот целосно ви го пренесуваме демантот

Почитувани,

Во својство на бранител на д-р Александар Нацев, обвинет во постапката заведена под број К.бр. 1970/25, која беше споена кон постапката заведена под број К.бр. 1872/25 водена пред Основен кривичен суд Скопје, во јавноста позната како постапка за пожарот во кабаре ПУЛС, а следејќи ги медиумските написи објавени на интернет портали, меѓу кои и интернет порталот „Сакам да кажам“, насловен како „Прикажани нови докази дека дискотеката ПУЛС работела без лиценца и со заштита од полиција и инспектори“, интернет порталот „Мкд.мк“ насловен како „На судењето за пожарот во Пулс се презентираа комуникации од телефони на обвинети, одбраната бараше повторно изведување на дел од доказите“ и интернет порталот „24ИНФО.мк“ насловен како „Ќе има контрола, спремен да си – предупредувања за инспекциски надзори откриени во телефоните на обвинетите за Пулс“, во интерес на вистината и правилно информирање на јавноста, во целост ги демантирам истакнатите наводи како неточни.

Интернет порталот „Сакам да кажам“, во својот текст од 09.07.2026 година, насловен како „Прикажани нови докази дека дискотеката ПУЛС работела без лиценца и со заштита од полиција и инспектори“, потпишан од С.К. Делевска, наведува дека „Против обвинетиот Александар Нацев, кој негира дека е газда на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, обвинителството презентираше докази за сопственоста, за тендери, правилник за облеката, потоа повеќе фактури и други документи. На сите беше компјутерски напишано името на Јане Јанчески. Во разговор меѓу Нацев и Мартин Атанасов – Буцо, едниот прашува кои фирми да ги впише, дали и дискотека да го впише.“

Во конкретниот случај се работи за пренесени целосно невистинити наводи, имајќи предвид дека обвинителството не презентираше никакви докази со кои Александар Нацев е идентификуван како сопственик на агенцијата Рубикон, а Вие со вашиот семантички погрешен избор на зборови директно влијаете и создавате штета врз теоријата на случај на одбраната. Дополнително, наведувате дека имало комуникација помеѓу Александар Нацев и лице Мартин Атанасов – Буцо, што е погрешна информација и такво тврдење ниту беше изнесено на судското рочиште, ниту беа презентирани изводи од комуникација помеѓу овие две лица.

Што се однесува на погоре споменатите текстови објавени на 09.07.2026 година на порталите „Мкд.мк“ и „24ИНФО.мк“, се забележуваат истите погрешно пренесени и целосно невистинити информации, кои се исто така во насока на носење на заблуда кај јавноста за улогата на Александар Нацев во агенцијата Рубикон, како и за евентуални остварени контакти со лице Мартин Атанасов – Буцо.

Во таа насока, следејќи ја презумпцијата на невиност, што претставува и принцип и етичка вредност содржана во Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија, барам од Вас овој демант да биде објавен соодветно и на начин како што се објавени посочените текстови, и во иднина, во врска со известувањата за оваа судска постапка, да се придржувате кон етичкиот кодекс и презумпцијата на невиност како основен уставен постулат на македонското законодавство, а со крајна цел, inter alia, при извршување на вашите должности како новинари, преку точно информирање, да овозможите доследно почитување на правата на обвинетите во судските постапки и фер и правично судење.

Со почит,

Адвокат Дејан Стојчев, бранител на д-р Александар Нацев