Skip to main content
Македонија

Деаноски: Во неколку министерства има притисоци да не се излегува на протест

15/01/2025  15:28

Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување колективен договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски денес пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата и порача да не го меша УПОЗ со некој друг Синдикат.

Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на овие протести бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем, но наместо да го решат, направија се што можат да го забранат колективното договарање па дури беа и првата Влада која поништи колективен договор. Да ја поправам вчерашната изјава на Владата бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со друг Синдикат“, рече Деаноски и потсети дека изминативе три години УПОЗ има организирано три штрајка и најмалку 20 протести.

На вториот ден протести на државната администрација, некои од вработените се пожалија дека има Министерства во кои се вршат притисоци да не се излегува на протест.

„Во неколку министерства да, има притисоци да не се излегува на протест. Моментално не можеме да ги кажеме, но ќе одговориме на тоа до крајот на неделата“, рече Деаноски.

На протести за 30 отсто поголема плата и потпишување колективни договори излегуваат вработените од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив. В петок најавија дека ќе протестираат пред Министерството за финанси.