Skip to main content
Македонија

Даниловски за БСЖ-вакцината: Родителите да не паничат, одложувањето е мерка на претпазливост

06/10/2026  22:30

Привременото одложување на БСЖ-вакцинацијата во Македонија е разумна мерка на претпазливост додека се проверува безбедносниот сигнал регистриран во Хрватска и не значи дека е утврден проблем со самата вакцина. Ова го истакнува епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски во објава на Фејсбук, во која детално објаснува што значат последните информации за БСЖ-вакцината и што треба да знаат родителите.

Според Даниловски, во текот на 2026 година во Хрватска биле пријавени четири сомнителни случаи на специфично коскено воспаление – BCG-остеитис/остеомиелитис – кај мали деца вакцинирани во 2024 и почетокот на 2025 година.

Станува збор за позната, но исклучително ретка несакана реакција. Вниманието на хрватските здравствени власти, според него, го привлекла концентрацијата на четири сомнителни случаи во релативно краток период, особено затоа што во претходните десетина години во земјата немало регистриран ваков случај.

Сомневањата во Хрватска се поврзуваат со две конкретни серии на вакцината – 807-1 и 683-1. Поради тоа, како мерка на претпазливост, примената на вакцините од производителот е привремено запрена додека траат дополнителните проверки.

Даниловски нагласува дека мора да се прави разлика меѓу пријавена несакана реакција, безбедносен сигнал и докажана причинско-последична врска.

„Пријавата само го отвора прашањето, сигналот е повик за итна истрага, а дури на крајот, по детална процена на сите докази, доаѓа конечниот заклучок“, посочува тој.

Прашањето е значајно и за Македонија бидејќи во земјава се користи БСЖ-вакцина од истиот бугарски производител, BB-NCIPD.

Според Даниловски, Комисијата за имунизација по информациите од Хрватска побарала податоци од МАЛМЕД за сериите што се користат во Македонија, по што било заклучено БСЖ-имунизацијата времено да се одложи до добивање целосни информации за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со пријавените несакани реакции.

„Во оваа фаза тоа е разумна мерка на претпазливост“, оценува Даниловски.

Тој посочува и дека, според информациите на Министерството за здравство, во последните десет години во Македонија до МАЛМЕД била доставена само една пријава за сомнеж за несакана реакција по БСЖ-вакцинација. Станувало збор за случај од август 2022 година со апсцес на местото на апликација, реакција која е позната и наведена во упатството за вакцината.

Според досега објавените информации, во Македонија нема пријавен безбедносен сигнал сличен на оној што се испитува во Хрватска.

Даниловски потенцира дека БСЖ-вакцината има долга историја на примена и важна улога во заштитата на најмалите деца од тешките форми на туберкулоза, меѓу кои милијарната туберкулоза и туберкулозниот менингитис.

Тој потсетува дека туберкулозата сè уште е присутна во Македонија. Според податоците што ги пренесува од Министерството за здравство, во Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 биле регистрирани годинава. Во Детската болница „Козле“, пак, во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, а во 2026 година 12 нови случаи.

Посебна порака Даниловски упатува до родителите чии деца веќе ја примиле БСЖ-вакцината.

Според него, децата кои се чувствуваат добро и немаат симптоми немаат потреба од превентивни снимања, лабораториски анализи или други дијагностички испитувања.

Родителите треба да обрнат внимание доколку се појават подолготраен или постепен оток во пределот на коска или зглоб, болка и чувствителност, ограничено движење, куцање или одбивање на детето да се потпре на раката или ногата. Во таков случај треба да се побара преглед од педијатар и да се информира лекарот дека детето примило БСЖ-вакцина.

„Најважни се информираноста и вообичаеното следење на здравјето на детето“, порачува Даниловски.

Според него, актуелната постапка не ја оспорува БСЖ-вакцината како таква, туку има цел да се испита конкретен безбедносен сигнал.

Следниот клучен чекор, додава Даниловски, е транспарентно да се објават резултатите од проверките – дали сериите што се користат во Македонија се поврзани со оние за кои постојат сомневања во Хрватска и каква одлука ќе биде донесена врз основа на добиените податоци.