![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/avion-tramp.jpg)
Како одговор на идејата на американскиот претседател Доналд Трамп да го купи Гренланд, во Данска е покрената петиција оваа европска земја да ја купи Калифорнија од САД. Сатиричната петиција досега ја потпишале повеќе од 200.000 Данци, а целата приказна е поткрепена со зборовите дека на Данска и се потребни „сонце, палми и ролери“.
„Имаме можност што се случува еднаш во животот и сакаме да го оствариме тој сон. Ќе донесеме велосипедски патеки, владеење на правото, универзална здравствена заштита и политика заснована на докази во Холивуд“, се наведува во петицијата.
По пристигнувањето во Белата куќа, новостариот американски претседател Трамп, покрај купувањето на Гренланд, сакаше Канада да стане 51-та американска држава, неговата земја да стане сопственик на Панамскиот канал, побара американска сопственост на Газа, а Мексиканскиот залив го преименува во Американскиот залив. Американскиот „Гугл Мапс“ веќе ја направи таа промена.
Медиумите претходно објавија за жесток телефонски разговор меѓу Доналд Трамп и Мете Фредериксен, премиерката на Данска, на тема Гренланд, а Фредериксен повеќе пати повторуваше пред и потоа дека Гренланд не е на продажба и дека, од перспектива на данската влада, припаѓа на луѓето кои живеат на Гренланд.