
Драган Митковски – Книга во своето гостување во подкастот „Претрес“ изнесе детали околу мотивот Данела Арсовска да биде кандидат за градоначалник на Скопје.
Митковски кој важи за човек близок до Никола Груевски а одреден период беше и доста близок со екс градоначалничката на Скопје одговарајќи на прашањето Кој му предложил на Христијан Мицкоски да ја кандидира Арсовска откри дека идејата потекнала од актуелниот министер во владата, Горан Минчев.
„Идејата во 2019 година стигна од Горан Минчев, актуелен министер за администрација. Во 2019 седевме во едно кафуле и тогаш Минчев и Данела првпат се запознаа. И после три-четири дена кога се видовме пак, Горан кој е политички искусен вели „планирај женава (Арсовска з.а.) дека може да биде градоначалник на Скопје искусна е во Сојузот на стопански комори и оваа идеја треба да се спакува“. И така заврши таа идеја“ рече Митковски.
Горан Минчев своевремено беше генерален секретар и пратеник од редовите на СДСМ, а денес освен што е министер во владата на Христијна Мицкоски, е и втор човек во партијата Движење ЗНАМ која е предводена од Максим Димитриевски градоначалникот на Куманово.

