
Соопштение за јавност на Левица:
Левица бара итна оставка од пратеничката од редовите на ДПМНЕ, Дафина Стојаноска од гостиварско, која очигледно и веќе во неколку наврати не ја разбира функцијата која ја обавува и мандатот кој и е доверен од граѓаните. Објавувањето снимка во која се појавуваат малолетните деца на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија претставува особено тежок морален и институционален пад за носител на јавна функција. Кога пратеник свесно користи материјал произлезен од следење на синдикален претставник и тоа го пласира во јавноста како средство за дискредитација, станува збор за злоупотреба на мандатот и грубо деградирање на парламентарната функција.
Пратеник е носител на народен суверенитет, лице на кое граѓаните му ја доверуваат законодавната моќ со обврска да постапува разумно, одговорно и во јавен интерес. Мандатот не е привилегија за демонстрација на сила, туку обврска за заштита на достоинството на граѓаните и на демократскиот поредок. Кога некој ја користи функцијата за таргетирање поединци, за вовлекување семејства и деца во политички пресметки и поттикнување атмосфера на заплашување, тој престанува да ја остварува суштината на пратеничката улога и ја сведува функцијата во параван за партиска агресија.
Наместо извинување и повлекување, денес гледаме дополнителна вмровска дрскост! Ем шуто, ем боде. По извршениот чин, се обидуваат да ја релативизираат одговорноста и да глумат жртви, навредувајќи ја интелигенцијата на народот.
Дафина Стојаноска, пратеничка која години наназад е симбол на политичка привилегираност, која цел круг на фамилија го има вдомено во државните институции, со шест стана, меѓу кои и четири во Скопје, а сепак со енормни патни трошоци кои ги наплатува од државната каса – денес си дозволува да таргетира синдикалист кој бара повисоки плати за работниците! Токму тој јаз меѓу комфорот на отуѓената вмровска елита и секојдневната борба на граѓаните ја разголува суштината на проблемот – привилегирана класа која паразитира од јавни средства, а се пресметува со оние што бараат достоинствен живот.
Токму затоа, нејзината одлука да таргетира синдикален лидер кој се бори за повисоки работнички плати ја прави уште понедостојна за функцијата. Таа не ги брани интересите на граѓаните, туку активно учествува во кампања против нивното организирање.
Нема никакво оправдување за објавените снимки од малолетни деца во нејзината налудничава пресметка. Нема никакво оправдување за користење илегално снимени материјали кои очигледно произлегуваат од организирано демнење и следење. Нема никакво оправдување за вакво однесување од носител на јавна функција, кое ги помина сите граници на пристојноста и е чисто кривично дело!
Пратеник кој свесно ги преминува границите на приватност, пристојност и интима – очигледно не си ја разбира обврската како народен претставник, па не ни заслужува да седи во законодавниот дом. Пратеничката функција треба да е сосема спротивно од ова што го демонстрира Дафина Стојаноска!
Оставката на Дафина Стојаноска е чин што барем минимално би го ублажил овој скандал и срам за Собранието


