Skip to main content
Македонија

Д-р Даниловски за Западнонилската треска: Осум тешки случаи се откриени, но не знаеме колку луѓе се заразиле 

28/07/2026  23:30

Осумте досега регистрирани случаи на Западнонилска треска во Македонија не значат дека вирусот предизвикува тешка форма на болеста кај секој заразен. Напротив, официјално откриените пациенти може да претставуваат само мал дел од вкупниот број инфекции во популацијата, посочува професорот по епидемиологија и биостатистика, д-р Драган Даниловски, во објава на Фејсбук.

Според него, сите осум досега регистрирани пациенти имале тешка, невроинвазивна форма на болеста, односно зафаќање на централниот нервен систем. Но, клучното прашање, како што нагласува, е колку инфекции реално постојат зад овие осум потврдени случаи.

„Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции? Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори“, пишува Даниловски.

Тој објаснува дека кај инфекцијата со вирусот на Западен Нил околу 80 проценти од инфицираните воопшто немаат симптоми. Кај приближно 20 проценти се развива фебрилна болест, која најчесто има релативно лесен тек, додека тешката невроинвазивна форма се јавува кај помалку од еден процент од инфицираните. Ризикот е поголем кај повозрасните лица, како и кај луѓе со одредени хронични заболувања или нарушен имунитет.

Токму тешките случаи, според Даниловски, најчесто завршуваат во болница, каде што пациентите се лабораториски тестирани и потоа влегуваат во официјалната статистика. Од друга страна, асимптоматските инфекции остануваат незабележани, а дел од пациентите со лесни симптоми веројатно никогаш не се препознаваат како случаи на Западнонилска треска.

Поради тоа, професорот ги опишува осумте регистрирани случаи како видливиот дел од една епидемиолошка „санта мраз“.

„Нејзиниот подводен дел – вкупниот број инфекции во популацијата – не го знаеме“, посочува Даниловски.

Тој предупредува дека информацијата оти сите регистрирани случаи се со тешка невроинвазивна форма, без дополнително објаснување, може да создаде погрешен впечаток дека секој заразен со вирусот во Македонија развива тешка болест или дека вирусот станал поагресивен.

„Што, се разбира, не е точно“, нагласува професорот.

Како особено значаен го издвојува фактот дека најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони. Според него, тоа потврдува дека вирусот ова лето циркулира локално во природниот циклус птици–комарци и дека населението е изложено.

Во вакви услови, Даниловски смета дека приоритет треба да бидат засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од убоди.

„Во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо! Таа е почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа“, заклучува Даниловски.