Skip to main content
Македонија

ЦУК предупредува: Доаѓа невреме со пороен дожд, силен ветер и град

26/07/2026  23:56

Нестабилно време со поројни врнежи, грмежи, силен ветер и услови за појава на град се очекува во текот на ноќта и утрешниот ден, покажува најновата прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во западните делови од Македонија уште во текот на ноќта се очекуваат пообилни врнежи, при што на одредени места може да наврнат над 20 литри дожд на квадратен метар.

Нестабилноста ќе продолжи и утре, кога локално количеството на врнежи може да надмине 30 литри на квадратен метар. На повеќе места се очекуваат поројни врнежи и грмежи, а можна е и појава на краткотрајно невреме со силен ветер, електрични празнења и изолиран град.

Засилен до силен ветер се прогнозира во Полошкиот регион, како и во источните и североисточните делови од земјата. Локално, ударите на ветерот може да достигнат брзина до 60 километри на час.

Нестабилно ќе биде и во Скопје. Во текот на ноќта и утрешниот ден се очекува дожд, додека во одредени делови од Скопската Котлина ќе има услови за краткотрајно невреме проследено со грмежи, силен ветер и локална појава на град.

Според прогнозата на УХМР, стабилизирање на временските услови се очекува од вторник, кога започнува период на претежно стабилно и потопло време.