Skip to main content
Македонија

ЦУК: Пожарот на градската депонија во Демир Хисар сè уште активен, но под контрола

23/04/2025  09:45

Пожари на отворен простор во последното деноноќие имало вкупно шест, од кои активен сè уште е пожарот на градската депонија во Демир Хисар, но е под контрола, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК). Како што известил ЈКП Комуналец Демир Хисар, на гасење на пожарот од 13 часот интервенираат пет пожарникари и две противпожарни возила.

-Во гаснењето учествуваат и пет работници и една градежна машина од ЈКП Комуналец Демир Хисар, а побарана е дополнителна помош од приватен субјект со уште една градежна машина. Пожарот опфаќал горење автомобилски гуми и појава на густ црн чад. Пожарот  засега е под контрола, нема проширување на останатиот дел од депонијата меѓутоа поради појава на ветер гаснењето е отежнато. Пожарот е се уште активен неговото гаснење ќе продолжи и во текот на денешниот ден – соопшти ЦУК.

Центарот информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2317 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле  62,02 отсто, а  останатите биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.  Од реалните повици, кон Полиција биле упатени 54,58 отсто, кон Итната медицинска помош 40,08 отсто и кон пожарникарите 3,63 отсто.

ЦУК информира дека за денеска е најавено минирање на Каменоломот во Говрлево во општина Сопиште, кој е во сопственост на Цементарница УСЈЕ. Минирањето ќе го изврши фирмата МАК-ДРИЛ од Кавадарци во периодот од 10 до 15 часот.