Во Црна Гора легално се вооружени околу 68.000 граѓани, кои поседуваат повеќе од 100.000 парчиња оружје, објави потпретседателот на Самостојниот полициски синдикат на Црна Гора, Ѓорѓије Вукиќевиќ. Според него, проценките се дека дополнително, нелегално се поседуваат меѓу 40.000 и 100.000 парчиња оружје, што претставува сериозен безбедносен ризик.
„Оружјето кај лојалните граѓани не е опасност за никого, но нелегалното оружје претставува закана и бара итна реакција од институциите“, изјави Вукиќевиќ. Тој потенцира дека Црна Гора е на трето место во светот според бројот на оружје по глава на жител, што ја става земјата пред голем предизвик во однос на јавната безбедност.
Од 2015 година, во Црна Гора се спроведува акцијата „Почитувај го животот, врати го оружјето“ како дел од напорите за намалување на нелегалното вооружување, а законот за оружје е усогласен со европското законодавство. Сепак, Вукиќевиќ посочува дека казните за нелегално поседување оружје се сè уште ниски, што овозможува дел од прекршителите да поминат само со опомени.
Премиерот Милојко Спајиќ најави заострување на критериумите за набавка на оружје, како и построги казни за оние кои го поседуваат нелегално. „Ќе ги разгледаме сите опции, дури и целосна забрана на оружјето во одредени области. Ова е прашање на јавна безбедност и мораме да преземеме мерки што ќе обезбедат стабилност и сигурност за граѓаните“, изјави Спајиќ.