Skip to main content
Македонија

ЦК на Левица: Анализирани резултатите од Локалните избори и изборниот процес

15/12/2025  09:01

Вчера се одржа XXIX сесија на Централниот комитет на Политичката партија Левица, на која беше направена темелна и сеопфатна анализа на резултатите од локалните избори, како и на целиот тек на изборниот процес.

Во рамки на пленарната дискусија беа разгледани детално постигнатите резултати по општини, при што беше констатирано дека кај Левица е евидентен јасен и континуиран раст – и во бројот на освоени советнички мандати, и во политичкото влијание меѓу граѓаните. Овој раст е потврда дека принципиелната, доследна и бескомпромисна политика на Левица добива сè поширока поддршка.

Централниот комитет дискутираше и за текот на локалните избори, укажувајќи на структурните слабости, притисоците, нерамноправните услови и улогата на естаблишмент партиите во одржување на статус-квото. Во таа насока беше нагласено дека Левица останува единствената политичка сила која отворено и без калкулации ги разобличува овие појави.

Посебен акцент беше ставен на улогата на советниците на Левица во општинските совети ширум Македонија. Заклучокот од ЦК е дека советниците од Левица ќе се позиционираат како главна и единствена опозиција на ДПМНЕ во локалната власт – во интерес на народот, во одбрана на јавниот интерес, со целосна посветеност на транспарентноста, отчетноста, борбата против корупцијата, урбанистичката мафија и партизацијата на општините.

Левица продолжува да биде автентична опозиција, како на централно, така и на локално ниво – опозиција која не тргува со принципи, не молчи пред неправдите и не се става во служба на широки коалиции, туку стои цврсто на страната на народот.  Борбата продолжува бескомпромисно, со јасна визија, храброст и организирана акција, до целосно разобличување на системот и враќање на институциите во рацете на граѓаните.