Skip to main content
Економија, Македонија

„Цените на продуктите ги знаеме и без интернет, проблем е што не може да ги купиме“ онлајн ценовниците служат само да ни кажат колку е скапо и без да одиме во маркет

23/04/2025  15:47

Веќе неколку денови маркетите особено оние големи синџири имаат обврска онлајн да ги објавуваат своите ценовници за целиот асортиман што го нудат.

Таа обврска е задолжителна на дневна основа со цел граѓаните од својот дом да видат колку чини некој продукт во одреден синџир маркет и колкава е разликата во цената на истиот продукт во друг маркет.

Ова законско решение, како антикризна мерка беше бомбастично најавуван од страна на Владата, но по само неколку денови имплементација ефектот од тоа е речиси никаков.

Прво, затоа што меѓу јавноста одамна има јасна поделба за тоа кои синџири маркети важат за скапи, а кои за поевтини, па оттаму голем дел од граѓаните пазарат онаму каде што можат да си дозволат.

Второ, прегледот на онлајн ценовниците (дел од маркетите тоа го имаа и претходно) често пати е сложено и за помладите генерации, а не пак за повозрасните и пензионерите (кои го премеруваат секој денар трошок од својот буџет) кои не успеваат да се снајдат со интеренет технологијата.

Некаде кирилица, некаде латиница, некаде ПДФ, некаде Ексел, секаде хаотично

24инфо.мк направи преглед на ценовниците на најголемите синџири маркети и заклучокот е дека постои голема неспоредливост на истите.

Речиси сите синџири имаат посебни ценовници за секој маркет одделно каде се разликуваат производите.

Понатаму, дел од маркетите имаат интерактивен дисплеј што значи дека посетителот може самиот да пребарува конкретен продукт, но има и такви маркети кои само за да ја завршат обврската објавуваат табеларни, ПДФ и ЕКСЕЛ документи каде не е возможно да се пронајде конкретен производ.

Друг недостаток е што одредени синџири немаат ставено датум на последно ажурирање па оттаму не се знае дали се тоа важечки цени.

Дел од брендовите називите ги именувале на кирилично, а дел на латинично писмо, а речиси на сите сајтови тешко се стигнува до полето кое води до актуелните ценовници.

Каква полза имаат граѓаните од сето тоа?

Во неврзан разговор со традиоционални купувачи од одреден синџир на маркети дојдовме до заклучок дека и ова е уште од низата пропаднати мерки.

Според соговорниците не е проблем објавувањето на цените, туку нивниот износ.

Или што би рекла една повозрасна госпоѓа: „Цените на артиклите ги знаеме и без интернет, проблем е што не можеме да си ги дозволиме“.

Инаку според последните податоци на ССМ, синдикалната потрошувачка кошничка во последниот месец е зголемена за 836 денари и изнесува скоро 63.000 денари за едно четиричлено семејсттво.

Тоа во превод значи дека потребни се најмалку 2,5 минимални плати за едно четиричлено семејство може да го истурка месецот.