
Конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на германскиот канцелар Фридрих Мерц првпат по неколку месеци се изедначи со крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), покажува најновата анкета на институтот ИНСА. Според истражувањето спроведено за весникот „Билд“, доколку изборите се одржат оваа недела, по 26 проценти од гласачите би ја поддржале ЦДУ/ЦСУ и АфД.
АфД со недели ја одржува оваа поддршка, додека ЦДУ/ЦСУ последен пат биле изедначени со оваа партија во анкета од септември 2025 година. Социјалдемократската партија (СПД), помал коалициски партнер во владата, бележи пораст од еден процентен поен и достигнува 16 проценти, што е нејзин најдобар резултат од јуни 2025 година. Зелените остануваат на 11 проценти, а Левицата на 10 проценти. Сојузот Сара Вагенкнехт и Слободните демократи добиваат 4, односно 3 проценти, што е под изборниот праг за влез во Бундестагот. Анкетата е спроведена во периодот од 26 до 30 јануари меѓу 1.204 испитаници, со можна статистичка грешка од околу 2,9 процентни поени. Од ИНСА посочуваат дека резултатите ја одразуваат моменталната политичка клима и не претставуваат сигурна прогноза за изборните резултати.
