
Од Царинската управа денеска преку социјалните мрежи споделија дека во последен случај, Секторот за контрола и истраги, успешно открил и спречил обид за шверц на 104 пакети цигари со вкупно 5.200 штеки цигари.
Како што се наведува во објавата, камионот кој бил пријавен како празен на излез од државата на граничен премин Ново село, е селектиран за детален царински преглед.
Прегледот бил извршен од инспектори од Одделението за оперативни работи кои имаат врвни откривачки оперативни капацитети.
При деталниот преглед во полуприколката ладилник во предниот дел е откриен специјално конструиран бункер со преграда каде се откриени цигарите.
Од Царинската управа посочија дека се преземени истражни дејствија од инспекторите од Одделението за истраги и поднесена е кривична пријава против возачот, српски државјанин.
„Царинската управа и натаму ќе спроведува мерки за обезбедување услови за фер конкурентност и стабилност на пазарот, при што во фокус е спречување обиди за царински измами и шверц на тутун и тутунски производи, порачаа во објавата.

