
Во Црна Гора започна примена на построга казнена политика за поседување и користење лажни или невистинити образовни документи, што резултираше со првите затворски казни за ова кривично дело. Информацијата ја соопшти министерката за образование, наука и иновации Анѓела Јакшиќ-Стојановиќ.
Според податоците што ги изнесе министерката, бројот на кривични пријави за фалсификување образовни документи бележи континуиран раст. Во 2023 година биле поднесени 28 пријави, во 2024 година 38, додека во текот на 2025 година досега се евидентирани вкупно 88 кривични пријави.
„Ставот на Министерството е дека, заради ефикасна превенција, неопходна е строга казнена политика кога станува збор за сторителите на овие дела, имајќи предвид дека станува збор за заштита на јавниот интерес“, изјави Јакшиќ-Стојановиќ. Таа оцени дека е охрабрувачки фактот што јавноста веќе сведочи на заострување на казнената политика, што резултирало со првите судски пресуди кои вклучуваат и затворски казни.
Министерката нагласи дека Министерството за образование, наука и иновации силно се залага за владеење на правото, оценувајќи го како еден од клучните предуслови за градење стабилно и просперитетно општество. Според неа, користењето лажни дипломи директно го поткопува образовниот систем, институциите и довербата на граѓаните.
„Министерството ќе продолжи да поднесува кривични пријави до надлежните органи во сите случаи каде што постои основа за сомневање дека образовен документ е стекнат на сомнителен или незаконски начин“, најави Јакшиќ-Стојановиќ.
Таа додаде дека институцијата што ја води ќе обезбеди целосна поддршка за обвинителството и полицијата, со цел сите лица што ги прекршиле законите на Црна Гора да се соочат со правдата, без разлика на нивниот општествен статус или позиција
