Skip to main content
Македонија

Четири изгубени животи за два месеци – системот повторно затаи?

03/03/2026  17:11

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство побара итна, темелна и независна истрага за трагедијата што се случи во скопската населба Тафталиџе, каде животот го загубија 31-годишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка.

Барањето се однесува на целосна проверка на постапувањето на Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и другите надлежни институции. Организациите инсистираат да се испита дали постоеле претходни пријави, какви мерки биле преземени и дали пропустите придонеле за фаталниот исход.

Мрежата повикува и на суспензија на сите службени лица кои биле инволвирани во постапувањето, сè до завршување на истрагата, како и на соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност и затворски казни, доколку се утврди дека некој морал, а не презел мерки за заштита.

Во реакцијата се бараат и најстроги казни за сторителот на насилство, како и итна ревизија на проценките на ризик, механизмите за заштита на жртвите и практиките за форензичко постапување и истраги во случаи на сомнителна смрт.

„Животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила“, наведуваат од Мрежата.

Според организациите, оваа трагедија не е изолиран случај. Тие посочуваат дека само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство.

Повикаа и на системски реформи, истакнувајќи дека и покрај постоењето на законска рамка, примената е недоследна, а проценката на ризик и превентивните механизми се недоволни.

Во меѓувреме, случајот предизвика силни реакции во јавноста. За сопругот и татко на починатите, Стојанче Јовановски, според информациите од надлежните, во Обвинителството немало пријави за семејно насилство, туку постапка поврзана со поседување дрога и напад на службено лице.

Според првичните сознанија, во моментот на настанот мајката и детето биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна. По наредба на јавен обвинител, во тек се распити на повеќе лица, екстракција на податоци од мобилни телефони и обезбедување снимки од видеонадзор од неколку локации.

Истрагата продолжува, додека јавноста очекува одговори дали трагедијата можела да биде спречена.