Skip to main content
Скопје

Чаир го заокружи културното лето со концертот на Младинскиот оркестар на Западен Балкан

20/08/2026  07:59

Општина Чаир вечерва ја заокружи програмата на културното лето со концертот на Младинскиот оркестар на Западен Балкан, во рамки на 14. издание на фестивалот „Сцена на албанската сериозна музика”. Под диригентската палка на Десар Сулејмани, младите музичари од земјите на Западен Балкан приредија посебна вечер на класична музика на Плоштадот „Скендербег”.

Од 1 јуни, Плоштадот „Скендербег” и Старата скопска чаршија беа сцена на богата културна програма, со албанска и фолклорна музика, класична музика, театар, филм, активности за деца и други настани за публика од сите возрасти. Ова лето за првпат беа организирани и Саемот на албанската книга и Меѓународниот музички фестивал „Чаршија”, два настани кои му дадоа нова димензија на културниот живот на Чаир и Скопје.

Преку овие активности, Плоштадот „Скендербег” и Старата скопска чаршија се претворија во места за средба на уметници, автори, музичари и посетители од земјата и регионот. Оживувањето на јавните простори, подигнувањето на уметничкото ниво и збогатувањето на културната понуда се дел од визијата за урбан и модерен Чаир, во кој културата има значајно место во развојот на општината.

Општина Чаир ќе продолжи со поддршка и развој на културните програми, со цел настаните започнати и реализирани ова лето да се зацврстат, да прераснат во традиција и да придонесат кон културниот и туристичкиот потенцијал на Чаир и Старата скопска чаршија.