
Американската војска ги негираше иранските извештаи дека американски дрон наводно бил соборен над Заливот, јави ДПА.
Извештаите беа лажни, соопшти Централната команда на САД (CENTCOM) на Икс, додавајќи дека ниту едно американско летало не било соборено и дека сите американски воздушни средства се на број.
Иранската агенција Тасним – која е блиска до Корпусот на Исламската револуционерна гарда (IRGC) – претходно објави, повикувајќи се на воен извор, дека ракета соборила американски дрон во близина на јужниот ирански пристанишен град Бушер.
Информациите од двете страни првично не можеа да бидат независно потврдени, пренесе ДПА.
Иранската новинска агенција Фарс рано утрово објави дека воздушната одбрана стационирана во покраината Бушер пукала кон објект над Заливот.
Според иранските извештаи, американската војска вчераутро погодила дел од аеродромот во Бандар Абас, во Ормуската Теснина. Претходно, ИРГЦ наводно принудила два брода во мореузот да се вратат назад со предупредувачки истрели, што го предизвикало американскиот напад.
Американската војска соопшти дека нападот во близина на Бандар Абас бил насочен кон контролен центар што се користи за управување со беспилотни летала што им се заканувале на американските и комерцијалните бродови во близина на Ормуската Теснина, пренсе ДПА.
Претходно неделава и САД и Иран веќе разменија оган во мореузот и покрај прекинот на огнот и тековните преговори за прекин на конфликтот.


