
Двајца пратеници од бугарската партија „Преродба“ („Вазраждане“) со фотографии на социјалните мрежи потврдија дека присуствувале на судење во Кочани на 23-годишната Ива Михајлова, која има македонско и бугарско државјанство. Според објавата на Телма, нивното присуство отвора прашања бидејќи, според судски документи, од август минатата година имале изречена едногодишна забрана за влез во Македонија, објави Телма.
Станува збор за бугарските пратеници Крсто Врачев и Ангел Георгиев, кои по судењето упатија критики за, како што наведуваат, состојбата со владеењето на правото во Македонија и испратија порака до Европската Унија дека се врши притисок врз девојка која се изјаснува како Бугарка.
Според пресудата на Основниот суд во Битола со ознака ПРК-О-263/25, на вкупно 27 членови на „Преродба“, меѓу кои и Врачев и Георгиев, им била изречена едногодишна забрана за влез во Македонија, како и прекршочни парични казни од 50 до 230 евра. Причината, според пресудата, е нелегално преминување на македонско-грчката граница и нелегален престој во земјата во јуни минатата година.
И покрај тоа, двајцата пратеници минатата недела се појавиле во судницата во Кочани.
Од Министерството за внатрешни работи за Телма изјавиле дека не можат да споделуваат информации за преминување на државната граница на конкретни лица по барање на трети страни и упатиле дека за пресудата за забрана за влез треба да се побара информација од Основниот суд во Битола.
„Министерството за внатрешни работи не споделува информации за влез и излез на лица по барање на трети лица. Такви информации се доставуваат исклучиво по барање на надлежен државен орган или на самото лице за негови лични потреби, согласно законските прописи“, наведуваат од МВР.
Судењето се однесува на предмет во кој Ива Михајлова е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици. Таа и нејзината одбрана ја негираат вината и бараат да ѝ бидат вратени пасошите за да може да се лекува во Софија. Според нејзиниот адвокат, до Основниот суд во Кочани е доставено ново барање, поткрепено со конзилијарно мислење, а одлуката се очекува во текот на наредната недела.

