
Бројот на загинати во разорниот земјотрес што го погоди Мјанмар се искачи на 2.719, додека 4.521 лице се повредени, а 441 се водат како исчезнати, се наведува во изјавата на генерал Мин Аун Хлајн, лидерот на воената хунта во земјата. Генералот предвидува дека бројот на жртви би можел да надмине 3.000.
Неколку земји испратија хуманитарна помош за Мјанмар и соседен Тајланд по силниот земјотрес што во петокот ги погоди двете југоисточни азиски држави. Напорите за помош се фокусирани на најпогодените подрачја во Мјанмар, каде што бројот на жртви постојано расте.
Епицентарот на земјотресот бил во близина на Мандалеј – вториот најголем град во Мјанмар, со население од околу 1,5 милиони жители. Во соседен Тајланд, бројот на загинати се искачи на најмалку 18 лица, додека 78 се водат како исчезнати, главно градежни работници. Десет од жртвите загинале на градилиште на новата зграда на Државната ревизорска служба на Тајланд, додека останатите осум загинале во други делови од градот, пренесе „Бангкок пост“.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени предизвика уривање на голем број згради и оштетување на патишта, што дополнително ги отежнува спасувачките напори во погодените подрачја.