
Бројот на загинати во мигрантската криза во шпанската енклава Сеута се искачи на 27, откако на брегот беа пронајдени уште шест тела на лица кои се обиделе да стигнат до територијата на Шпанија пливајќи од Мароко, додека шпанскиот премиер Педро Санчез пристигна во енклавата за да го координира одговорот на властите по масовниот прилив на мигранти, јави весникот „Паис“.
Според проценките на шпанското Министерство за внатрешни работи, повеќе од 40.000, а според некои проценки околу 49.000 мигранти, во изминатите денови влегле во Сеута по копнен и морски пат од Мароко, и покрај засилените безбедносни мерки на границата. Масовниот прилив се смета за најголем миграциски бран кон оваа шпанска енклава од мај 2021 година, кога околу 10.000 лица влегоа за неколку дена. Помал број мигранти се обиделе да влезат и во другата шпанска енклава на северот на Африка – Мелилја.
Санчез во Сеута пристигна во придружба на министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка, каде што се сретна со претставници на полицијата, Цивилната гарда и локалните власти. Неговата посета беше проследена со протести и вербални инциденти пред хелиодромот, како и со краткотрајни судири меѓу демонстрантите и полицијата.
– Она што се случи вчера претставува напад, односно нарушување на територијалниот интегритет на Шпанија – изјави Санчез, најавувајќи дека кај граничниот насип ќе бидат поставени пловечки бариери со цел да се спречат нови масовни обиди за преминување на границата по морски пат.
Шпанскиот премиер им се заблагодари на мароканските власти за соработката и додаде дека Шпанија и Мароко работат на враќање на мигрантите кои незаконски влегле во Сеута „во најкус можен рок“. Тој истовремено ги обвини мрежите за шверц на луѓе дека ги измамиле голем број млади луѓе кои тргнале по овој опасен пат ветувајќи им подобар живот.
Во меѓувреме, голем број мигранти кои пристигнале во Сеута продолжуваат да престојуваат на улиците на енклавата, каде што ја поминале и ноќта на отворено, додека и натаму има обиди за преминување од Мароко, објави „Паис“. Според шпанските медиуми, безбедносните сили во последните часови го засилиле присуството на границата, но поради големиот број пристигнати лица властите се соочуваат со сериозен предизвик за нивно згрижување и враќање.

