Британското здружение на кинематографери (BSC) ја додели својата специјална награда за достигнување (Special Achievement Award) на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Признанието му беше врачено на свечена церемонија во Лондон на директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски
На оваа церемонија се доделуваат годишните награди на BSC за животно дело, за кинематографери на студентски, краткометражни и долгометражни филмови, серии и технолошки достигнувања. Настанот е еден вид на британски Оскари за луѓе од кинематограферската и сродните професии.
Оваа награда претставува исклучителна чест за фестивалот, кој веќе четири и пол децении ја слави уметноста на кинематограферите и ја истакнува нивната клучна улога во создавањето на филмската магија.
Како најстар фестивал во светот посветен исклучиво на кинематограферите, „Браќа Манаки“ го носи наследството на Јанаки и Милтон Манаки, првите филмски хроничари на Балканот, чие дело ги постави темелите на визуелното раскажување во регионот.
Британското здружение на кинематографери, едно од најголемите и најзначајните професионални здруженија во светската филмска индустрија ја доделува оваа награда како признание за поединци или групи на поединци што посветено ја слават кинематографијата и придонесуваат за нејзината афирмација. Во образложението на Британското здружение на кинематографери (BSC) се истакнува дека фестивалот „Браќа Манаки“ не само што ја негува оваа уметничка форма, туку и претставува платформа за нови генерации на кинематографери, кои со својата визија ја обликуваат иднината на светската кинематографија.
Битола, родното место на браќата Манаки, повеќе од еден век е симбол на визуелната уметност и дом на овој значаен фестивал. Прекрасна коинциденција е што токму во Лондон, градот од каде што браќата Манаки ја набавија својата легендарна камера „Урбан Биоскоп“ произведена со сериски број 300, денес фестивалот што го носи нивното име добива вакво признание.
-Битола е нашата вечна инспирација, градот каде што светлината и сенките танцуваат во хармонија создавајќи приказни што го надминуваат времето. Лондон, пак, е местото каде што нашите предци ја пронајдоа алатката за оваа магија- нивната камера „Урбан Биоскоп 300“ . Денес со ова признание се затвора кругот меѓу двата града поврзани преку љубовта кон филмот и уметноста на кинематографијата, вели директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.