Skip to main content
Македонија

Борба за живот: Повредените од трагедијата во Кочани продолжуваат со лекување во земјава и во странство

18/03/2025  22:15

Министерството за здравство ја информира јавноста дека здравствените установи и медицинските тимови се целосно ангажирани во обезбедување соодветна нега и третман за сите пациенти повредени во трагедијата во Кочани. Лекувањето продолжува во домашните болници, но и во медицински центри во неколку европски земји.

Според официјалните податоци, во моментов во здравствените установи во Македонија се хоспитализирани:

• На Клиника за пластична хирургија – 10 пациенти

• На Клиника за токсикологија – 10 пациенти

• На Клиника за торакална хирургија – 4 пациенти

• На Клиника за трауматологија – 2 пациенти

• На Детска хирургија – 4 пациенти

• На Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) – 13 пациенти

• На Клиника за пулмологија – 2 пациенти

• Во Општа болница – Штип – 2 пациенти

• Во ГОБ „8 Септември“ – 17 пациенти

• Во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски“ – 11 пациенти

Состојбата на пациентите во странство

Освен во Македонија, дел од повредените се испратени на лекување во медицински центри низ Европа. Од Австрија пристигнаа информации дека од шест пациенти, пет се на интензивна нега, но во стабилна состојба, додека еден е префрлен на интерно одделение.

Во Литванија, четири пациенти се на интензивна нега, но нивната состојба е стабилна.

Охрабрувачки вести доаѓаат од Анкара, Турција, каде што петтемина пациенти кои беа испратени на лекување веќе дишат самостојно, што укажува на значително подобрување на нивната здравствена состојба.

Во Србија моментално се лекуваат 30 пациенти, кои се на интензивно лекување, но во стабилна состојба.

Во Бугарија се згрижени 14 пациенти, од кои седум се на интензивна нега, додека останатите имаат полесни повреди и самостојно дишат.

Во Грција се лекуваат осум пациенти, кои се во стабилна состојба и нивната здравствена слика е подобра во однос на претходните денови.

Меѓународна поддршка и нови хоспитализации

Министерството за здравство најави дека во текот на ноќта и наредните денови се очекува дополнителни пациенти да бидат упатени во специјализирани медицински центри во Европа. Процесот на нивно префрлање се одвива во координација со меѓународните партнери, кои од самиот почеток на оваа трагедија понудија медицинска и логистичка поддршка.

Министерството изрази благодарност до сите држави кои се вклучија во спасувањето на животите на повредените, испраќајќи медицински тимови, болнички капацитети и стручна помош за нивниот третман.

Во меѓувреме, лекарските тимови во Македонија продолжуваат со интензивна грижа за сите хоспитализирани пациенти, со надеж за нивно брзо закрепнување.