Skip to main content
Македонија

Болниците остануваат без чаршафи – пералната на „Мајка Тереза“ ја прекина работата

21/05/2025  16:48

Од денеска, во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ нема да се обезбедуваат чисти чаршафи за болничките кревети, јавува Канал 5 телевизија. Причината е бојкотот на вработените во пералната, кои од декември не примиле плата.

„Од декември немаме земено плата, чекаме секој ден. Денеска протестираме и не примаме чаршафи, само зелени – зошто тоа треба за операции и не можеме така да оставиме“, изјавија дел од вработените од пералната.

Со пералната од јануари 2024 управува приватната фирма СкопСтер, која обвинува дека доцнењето со исплатите е поради неисполнети обврски од страна на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). Од СОЗР возвратија дека средствата биле исплатени уште во декември.

Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, најави итно решавање на проблемот, со цел да се овозможи нормално функционирање на болничките установи. Ситуацијата предизвикува загриженост поради хигиенските услови и грижата за пациентите во најголемиот здравствен центар во земјава.