Skip to main content
Музика

БОЈАНА СКЕНДЕРОВСКИ – ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ФИЛХАРМОНИЈА И „БЕСМРТНА” СЕ ВО ТЕК!

19/11/2025  11:19

Како што се приближува датумот за првиот солистички концерт насловен „Бесмртна”, така возбудата околу Бојана Скендеровски расте од ден во ден. Подготовките се во полн ек, а Бојана со голема посветеност работи на секој детал од вечерта која ќе го обележи нејзиниот дводецениски музички пат.

„Со нетрпение го очекувам овој концерт. Секој ден сум во сала, во студио, во процес на доработки… Сакам публиката да го почувствува тоа што го носам во себе и сакам сите да имаме една посебна и, пред сѐ, вечер која ќе биде уживање за сите сетила. Во меѓувреме подготвувам и едно мало, музичко изненадување”, открива Бојана.

На 13 декември, во 20:00 часот во Филхармонија, публиката ќе ја доживее Бојана во едно ново светло – искрена, емотивна, уметнички зрела, подготвена да ја отвори својата душа на сцена. „Бесмртна” ветува вечер исполнета со песни што допираат длабоко, чувства кои траат и моменти кои се паметат.

Овој концерт не е само уште едно појавување на сцената, тоа е голем чекор, затворање на 23-годишното поглавје и почеток на ново, уште посилно. Публиката ќе ужива во репертоар што ги спојува најубавите спомени со сегашноста и она што допрва доаѓа.

Билетите се достапни преку продажната мрежа на kupikarta.com, по цена од 800 и 1000 денари, зависно од местоположбата.

На 13 декември во Филхармонија, подгответе се за вечер што ќе ја почувствувате со срце, за музика која трае, за музика која е БЕСМРТНА.