
Во интервју за телевизијата Киев24, поранешниот вицепремиер за европски интеграции на Македонија, Бојан Маричиќ, зборува за тоа што реално чека една земја-кандидат на патот кон Европската унија: политичкото правило на консензус, реформите што носат поени, и начинот како да се управува со билатерални блокади без да застанат внатрешните промени.

Маричиќ објасни дека ЕУ одлучува со консензус и дека поради тоа „секој член има право да сопре процес“, но тоа не смее да стане изговор дома да не се спроведуваат реформи. „Украина треба да се фокусира на реформи и да направи сè во владеењето на правото и независното судство. Консензус ќе дојде — убеден сум дека ќе биде наскоро, затоа што Украина направи многу и го заслужува членството“, рече тој, потсетувајќи дека и Македонија минувала низ слични блокади.
За дилемата „промена на правилата за гласање или договор со Будимпешта“, тој е прагматичен: измена на едногласното правило не е реална на краток рок. „Порелно е Унгарија да ги препознае своите интереси и да ја поддржи Украина на патот кон ЕУ, затоа што тоа е во интерес и на Украина и на Унијата“, оценува Маричиќ.
Во делот за европските кластери, Маричиќ вели дека по завршениот скрининг, следниот чекор е отворање на првиот, т.н. фундаментален кластер. „Ова е најважниот документ и мора да се прави внимателно; ќе ја обврзува Украина и во преговорите и по пристапувањето“, нагласува тој. При тоа, инсистира дека брзината е можна кога има политичка волја од двете страни, наведувајќи дека Украина го завршила скринингот побрзо од Македонија и Албанија.
Клучната порака која во интервјуто ја пренесува Маричиќ е потребата од правење разликата меѓу „да се донесе закон“ и „да профункционира систем“. „Промената на законите е најлесниот дел. ЕУ ја интересира како ги спроведувате — какви реални резултати има, дали граѓанинот живее во предвидлива и правична средина. Само тогаш може да кажеме дека системот работи“, рече Маричиќ, посочувајќи ги владеењето на правото, независното судство, борбата против корупцијата и основните права како темелни тестови.
Како пример за конкретна домашна задача, тој го спомена планот за заштита на малцинствата. „Во Македонија имаме акционен план и сме подготвени да го споделиме нашето искуство — го опфаќаме сите заедници. Корисно е кандидатите да учат едни од други и од земјите што веќе пристапиле“, рече Маричиќ.
На прашањето дали е реално Украина да отвори повеќе кластери за една година, тој се повика на претходни преседани: „Албанија покажа дека може да се отворат сите кластери и поглавја за околу една година. Украина е способна за тоа ако реформите се јасен приоритет и има кохезија околу нив“.
За вечната дебата „заедно или одвоено со другите кандидати“, Маричиќ е за мерит-систем: „Кога се отвора вратата, најчесто се отвора за група земји. Но секоја треба да се оценува според сопствените достигнувања; подготвените да влезат, останатите да почекаат додека ‘Сезам’ повторно се отвори.
Конечно, за прашањето „во кои граници“ би пристапила Украина додека трае војната, тој потсетува дека ЕУ веќе има искуство со нерешени спорови и дека се можни „креативни решенија“ што нема да ја блокираат европската перспектива: примерот на Кипар покажува дека правната рамка може да се приспособи на реалноста без да се отстапи од принципите.