
Србија се наоѓа пред важна политичка одлука, а високата излезност покажува дека граѓаните се силно мотивирани да влијаат врз иднината на државата. Ова го оцени поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ, во гостување во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
„Мислам дека луѓето денеска одлучуваат во кој правец ќе се движи државата. Сега е финалето и за едните и за другите“, истакна Богдановиќ.
Според неговата оценка, српското општество е поделено меѓу актуелната власт, предводена од Српската напредна странка, и студентското движење, кое повеќе од две години организира протести и бара промени.
Богдановиќ, кој има право на глас во Србија, посочи дека изборниот ден генерално поминал мирно. Неколкуте инциденти, според него, не го нарушиле целокупниот изборен процес.
Тој нагласи дека и власта и студентското движење ја толкуваат високата излезност во своја корист. Сепак, како што посочи, конечниот одговор за расположението на граѓаните ќе го дадат изборните резултати.


