Skip to main content
Економија, Македонија

Битиќи: Владата најави дека нафтоводот е пуштен, а во реалноста тој не функционира

10/04/2026  13:06

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, отвори сериозно прашање за вистинската состојба со продуктоводот на ОКТА, посочувајќи дека Владата на Христијан Мицкоски предвреме го претставила во јавноста дека функционира, иако, според него, системот во реалноста не работи поради сериозни технички проблеми.

„Беа направени сите припреми за пуштање на нафтоводот кој, во меѓувреме, оваа Влада најави дека е пуштен, но во реалноста не е пуштен, во реалноста не функционира затоа што технички не можат да го пуштат поради сериозни технички проблеми“, рече Битиќи во гостување во емисијата „24 Анализа“ на ТВ 24.

Со оваа изјава Битиќи директно ја проблематизира пораката што премиерот Христијан Мицкоски ја испрати на 4 април, кога, одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со нафтените деривати, изјави дека е добро што е пуштен нафотоводот, притоа додавајќи дека преку него државата има дополнителна сигурност во снабдувањето.

„Добар потег беше што го пуштивме и нафтоводот, бидејќи тој директно ја поврзува рафинеријата со пристаништето во Солун. Во самата цевка имаме уште за 60-тина дена, плус за 62 дена што ги имаме во резерви. Затоа велам, во моментот не гледам опасност од количините, што е прв приоритет“, рече Мицкоски.

Во време кога прашањата за енергетската сигурност, резервите на нафтени деривати и цените се исклучително чувствителни, секое разидување меѓу официјалните изјави и состојбата во реалноста отвора сомнеж за сериозен институционален и политички проблем.

Особено тежи фактот што Мицкоски не говореше за подготовка, техничка фаза или очекувано активирање, туку за веќе оперативно функционирање на продуктоводот. Токму затоа, пораката на Битиќи отвора дилема дали јавноста била доведена во заблуда со тврдење дека е пуштен систем што, според овие наводи, не може да биде ставен во функција поради технички причини.

Владата сега има обврска јасно да одговори: дали продуктоводот на ОКТА навистина функционира или јавноста слушала политичка конструкција наместо фактичка состојба? Ако постојат сериозни технички проблеми, зошто тие биле премолчени? И зошто премиерот зборуваше за „пуштен“ нафтовод, ако тој сè уште не може да ја врши својата функција?