
На прашањето дали постои судир меѓу сегашното партиско раководство на СДСМ и пратеничката група, поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи вели за Трилинг дека отворен судир нема, но постојат моменти на несогласување околу одредени ставови.
„Јас сум еден од оние кои понекогаш знаат да бидат гласноговорници на несогласувањето и сметам дека тоа е убавината на СДСМ. Но секогаш преку разговори сме наоѓале заеднички јазик, за да ги претставиме интересите и вредностите кои ги носи партијата“, изјави Битиќи.
Тој посочи дека поразот на парламентарните избори се должи на внатрешната неорганизираност, занемарувањето на идеолошката матрица и вредностите на СДСМ, како и на тоа што партијата, како што вели, „станала повеќе клиентелистичка отколку вредносна“.
За локалните избори Битиќи вели дека резултатот бил очекуван, особено поради ниската излезност.
„Ако овој резултат би се повторил на парламентарни избори, тоа е навистина загрижувачко. Ова е конечниот момент за сериозни концепциски промени во партијата, ако сакаме СДСМ да се врати таму каде што ѝ е местото – да владее со државата“, истакна тој.
Според Битиќи, реформите се неизбежни и мора да бидат длабоки.
„Реформите не се само име и презиме. Реформите значат целосно внатрешно реконфигурирање на начинот на кој функционира партијата“, додаде тој.

