
Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник, Фатмир Битиќи, преку објава на Фејсбук остро реагираше на растот на цените на храната и животните трошоци, оценувајќи дека граѓаните секојдневно се соочуваат со сè потешка економска реалност.
„Поскапувањето на храната е најсуровиот економски показател, затоа што зборува за цените на лебот, млекото, маслото, јајцата, зеленчукот – за основните животни продукти без кои нема достоинствен секојдневен живот“, наведува Битиќи.
Тој се повика на најновите податоци на Државниот завод за статистика, според кои храната и безалкохолните пијалаци во април се поскапени за 8 проценти на годишно ниво, додека вкупната инфлација достигнала 5,7 проценти.
Според Битиќи, не може економската состојба да се прикажува како стабилна само преку месечни споредби.
„Не може скапотијата да се смирува со очекувања дека инфлацијата за основните прехранбени производи нема да биде поголема од 1% во споредба со март. Граѓаните не живеат од март до април, туку со акумулирани цени, со плати што ја губат вредноста и со домашни буџети што секој месец стануваат сè понемоќни пред растот на цените“, истакнува тој.
Битиќи ги посочи и податоците на синдикатот, според кои минималната синдикална кошница достигнала 68.797 денари, додека само трошокот за храна и пијалаци изнесува 26.085 денари.
„Минималната плата е 26.046 денари. Тоа значи дека една минимална плата не е доволна ниту за основната храна и пијалаци“, нагласува поранешниот вицепремиер.
Тој оценува дека секое уверување од страна на власта дека состојбата е „под контрола“ е сè подалеку од реалниот живот на граѓаните и нивната секојдневна борба со високите цени.



