
Во Собранието денеска повторно изостана директен одговор од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за задолжувањето на државата, иако пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, отвори прашања поврзани со јавниот долг, новите најави за задолжувања и неплатените обврски кон стопанството.
На седницата за пратенички прашања на неговите прашање одговараше заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, додека Битиќи порача дека политичката одговорност за должничката политика останува кај министерката за финансии.
Битиќи оцени дека присуството на министерката за финансии во Собранието не е прашање на лична волја, туку основна демократска должност, особено кога се носат одлуки за задолжувања од стотици милиони евра.
Според него, јавноста не смее да добива објаснувања преку Фејсбук статуси, туку преку директна институционална отчетност пред пратениците.
„Затоа пресметката што ја ставам пред јавноста е следна: 10,8 милијарди евра постоечки јавен долг, плус 260 милиони евра нов заем, плус можни 350 милиони евра во јуни, плус евентуални 300 милиони евра преку ЈП за државни патишта, плус една милијарда евра преку преговори со „земја членка на НАТО“, плус околу 700 милиони евра доспеани неплатени обврски кон стопанството. Тоа е потенцијален јавен и неплатен финансиски товар од околу 13,4 милијарди евра“, рече Битиќи.
Тој праша дали Владата ја потврдува или ја демантира оваа пресметка и кои од најавените задолжувања се во подготовка.
„Оваа Влада е целосно посветена на зачувување на стабилноста на јавните финансии, паралелно со обезбедување средства за развој на државата“, истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, одговарајќи на пратеничкото прашање.

