Skip to main content
Скопје

Билјана Ивановска: Ќе барам решенија, а не обвинувања Центар мора да биде на граѓаните, а не на профитот

14/08/2025  16:42


„Мојата кампања ќе се базира и фокусира на барање решенија, а не на обвинувања и лични навреди, зашто моите заложби секогаш биле граѓаните пред партиите,“ изјави Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, која денеска и официјално беше претставена како кандидатка на платформата „Независни заедно“ за градоначалничка на Општина Центар.

Ивановска е поддржана од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“. Таа нагласи дека одлучила да се кандидира во општината каде што живее и ги споделува истите проблеми со своите сограѓани. „Воздухот во Центар не е загаден само со ПМ честички, туку и со лоши политики и корупција. Правда, интегритет и одговорност се вредности кои ќе ги преточам во креативни политики за подобра и поздрава општина,“ рече таа.

Нејзината кампања ќе почива на три столба – одговорност, отчетност и транспарентност; инклузивност, затоа што секој граѓанин е важен; и заедништво и солидарност. „Општина Центар мора да биде на граѓаните, а не на профитот. Мене не ме водат апетити за добивка, туку желба да понудам решенија кои ќе го вратат достоинствениот живот. Не барам функција заради моќ, туку моќта да им ја вратам на граѓаните,“ истакна Ивановска, додавајќи дека во нејзиниот тим има професионалци кои можат да понудат квалитетни решенија.

Таа најави дека нема да дозволува донесување на детални урбанистички планови кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план и дека ќе се залага за воведување на стандардот 3-33-300 – секој граѓанин да гледа три дрвја од својот прозор, да има 30 квадрати зеленило по жител и да живее на максимум 300 метри од парк. „Далеку сме од тоа, но барем можеме да се приближиме,“ рече Ивановска.

Од „Независни заедно“ најавија дека ќе бидат отворени за соработка со сите независни групи кои сакаат да настапат на локалните избори и дека ќе имаат и кандидат за градоначалник на Град Скопје.