Skip to main content
Македонија

„Безбеден град“ се одложува – Новиот датум за старт е 1 февруари 2026

11/12/2025  23:10

Проектот „Безбеден град“ официјално ќе биде пуштен во работа на 1 февруари 2026 година, потврди Министерството за внатрешни работи, пренесе „360 степени“. Ова значи дека системот нема да започне со функционирање на првично најавениот датум – 1 јануари 2026, туку неговото активирање се одложува за еден месец.

Како што наведува „360 степени“, ваквото поместување укажува дека МВР има потреба од дополнително време за тестирање и калибрирање на новиот безбедносен систем. Одложувањето следува и по новинарското тестирање на платформата, кое покажало дека системот сè уште не е целосно подготвен за оперативна функција.

Од Министерството засега не откриваат конкретни детали околу досегашните резултати од тестирањето, но уверуваат дека проектот ќе биде пуштен во употреба само кога ќе биде технички стабилен, сигурен и целосно функционален.

„Безбеден град“ се смета за еден од најзначајните проекти за дигитализација и модернизација на јавната безбедност, кој опфаќа поставување нови системи за видео-надзор, автоматски технологии за препознавање и поефикасна комуникација меѓу службите.

Крајната цел е создавање побезбедна урбана средина и значително подобрување на реакцијата на институциите во реално време.