
Мажите во Северна Македонија поминуваат 18 пати помалку време од жените во извршување домашни обврски и грижа за семејството – податок што ја одбележа вчерашната тркалезна маса „Бескрајната смена: Репродуктивен труд, домашна работа и мајчинство”, одржана во Јуроп хаус Струга.
Настанот беше дел од националниот караван „Носи ја промената” (Wear the Change), инициран од Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на Европската Унија (Team Europe) и мрежата на Јуроп хаус. Кампањата, започната на 8 Март, се реализира во повеќе градови во државата и отвора директни и јавни разговори за структурната родова еднаквост и граѓанското учество.
Во фокусот на дискусијата беше непрекинатата, но честопати невидлива „втора смена” што многу жени ја продолжуваат во домот и по завршувањето на своите професионални обврски. Покрај физичката работа, учесничките зборуваа и за таканаречениот ментален товар – постојаното планирање, организирање и координирање на семејниот живот, грижата за децата и емоционалната поддршка на членовите на семејството.
Беше посочено дека околу 45 проценти од работоспособните, но неактивни жени не бараат вработување поради домашни обврски и обврски поврзани со грижа, во споредба со само четири проценти од неактивните мажи. Овие бројки, како што беше нагласено, не се прашање на индивидуален избор, туку последица на длабоко вкоренети општествени очекувања и недоволно развиени јавни услуги за поддршка на семејствата.
Дискусијата ја водеше Шефкије Аласани Дика, шефица на Кабинетот на градоначалникот на Струга, која истовремено учествуваше и како панелистка. Преку лично сведоштво, таа зборуваше за значењето на партнерската поддршка во заедничкото одгледување на децата и споделувањето на домашните обврски, истакнувајќи дека токму тоа било клучно за да може да ја гради својата кариера и да извршува одговорна функција во локалната самоуправа.
Заменик-шефицата на мисијата на Амбасадата на Чешка во Скопје, Андреа Штајнер Вотавова, ја претстави Директивата на Европската Унија за рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот како конкретен модел за воведување споделено родителско отсуство. Таа нагласи дека грижата за детето не треба да се третира исклучиво како обврска на мајката, туку како заедничка родителска и општествена одговорност.
Докторката Билјана Кузмановска, специјалистка по интерна медицина и кардиологија во Општата болница во Струга, зборуваше за физичките и менталните предизвици при усогласувањето на професионалната кариера во високостресна средина со традиционалните очекувања жената да остане главен носител на домашната грижа. Како самохрана мајка, таа сподели и лично искуство за предизвиците со кои се соочувала во балансирањето на професионалните и семејните обврски, нагласувајќи дека успехот бара огромна посветеност, истрајност и силна лична организација.
Панелистките споделија и лични искуства за тоа како родовите улоги влијаеле врз нивните животи уште од младоста, како и за општествените критики со кои се соочуваат жените кога не успеваат да ги исполнат сите очекувања поврзани со мајчинството, домот и професионалниот успех.
Разговорот ги надмина статистиките и јавните политики, отворајќи простор за искрени сведоштва, лични стратегии за справување со секојдневните обврски и повик за поправедна распределба на грижата. Беше нагласена и потребата од законско препознавање на споделеното родителско отсуство, кое во актуелната правна рамка сè уште не е целосно регулирано како еднакво право на двајцата родители. Истовремено, беа нагласени и законските ограничувања со кои се соочуваат самохраните родители.
Главната порака од тркалезната маса беше дека домашната работа, мајчинството и грижата не смеат да останат невидливи и непропорционално префрлени врз жените. Постигнувањето вистинска рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот бара промена не само во домот, туку и во законите, институциите, локалните политики и општествените очекувања.
Караванот „Носи ја промената” продолжува низ државата, создавајќи простор за јавни разговори за родовата еднаквост, споделената одговорност и учеството на граѓаните во креирањето поправедно општество.

