Skip to main content
Магазин

Белгија врати саркофаг стар 2.300 години во Египет

18/07/2025  21:13

Белгија му врати на Египет саркофаг, за којшто се проценува дека е стар околу 2.300 години. Гестот се случи викендов, десетина години откако артефактот беше запленет од полицијата во Брисел. Саркофагот му беше предаден на египетскиот амбасадор, на свеченост одржана во белгиската престолнина, соопштија вчера тамошните власти.

– Враќањето на нелегално украден предмет во земјата на потекло е праведен чин по 10 години истрага и судска постапка, изјави обвинителот од Брисел, Жулиен Мојнил.

Белгиската полиција го заплени саркофагот во 2015 година, врз основа на потерница од Интерпол издадена по барање од судските влати во Египет. Артефактот бил чуван во Кралскиот музеј на уметност и историја во Брисел. 

Според белгиските стручњаци, дрвениот саркофаг датира од периодот на македонско-египетскиот владетел Птоломеј, од преминот меѓу 4. и 3. век п.н.е., и „несомнено му припаѓал на член на египетската висока општествена класа“ од тоа време. Се истакнува дека изборот на материјали и исклучително прецизната изработка сведочат за високото ниво на занаетчиството од тоа време. Врз основа на хиероглифите на саркофагот, утврдено е дека во него бил погребан човек по име Па-ди-Хор-па-херед, кој е прикажан на саркофагот како се трансформира во древниот египетски бог на подземјето, Озирис.