
Британскиот премиер Енди Барнам оцени дека договорот за излез на Велика Британија од Европската Унија, склучен од поранешниот премиер Борис Џонсон, не успеал и дека Велика Британија изгубила повеќе отколку што добила од Брегзит.
Барнам, во говор, што беше поделен пред вечервашното традиционално обраќање на премиерот на приемот кај градоначалникот на Лондон, рече дека Брегзит не го исполни тоа што го ветуваше, како што е повторното преземање на контролата врз имиграцијата, објавуваат денеска британските медиуми.
„Брегзит што го добивме не функционираше. Изгубивме повеќе отколку што добивме“, се наведува во нацрт-говорот.
„Тоа е како новата облека на царот, и никој не се осмелува да ја каже очигледната вистина. Ќе го кажам тоа што го гледам. А тоа е дека царот е гол“, ќе каже Бернам на приемот во Лондон Сити.
Наместо напредок, непотребно ригидниот Брегзит, според Бернам, создаде пречки за бизнисите и им наштети на економските интереси на Велика Британија.
Британскиот премиер рече дека затоа планира да воспостави односи со ЕУ на нова основа, иако исклучи драстични чекори како што се враќањето на Велика Британија во Унијата или царинската унија.
Премиерот оцени дека црвената линија поставена од неговата социјалдемократска Лабуристичка партија не смее да се премине, но дека се потребни подобрувања на договорот што ќе донесат опипливи придобивки за народот. Конзервативната партија, чиј лидер беше Борис Џонсон, ја обвини Лабуристичката партија дека ја враќа Велика Британија во ЕУ „преку задната врата“ со промена на договорот.
Вечерашниот говор на премиерот претходи на самитот Велика Британија-ЕУ закажан за петок во Брисел. Бернам претходно најави промени во договорот за Брегзит што ќе отстранат дел од неговите негативни последици.
Се очекува Велика Британија и ЕУ да потпишат нови договори во Брисел за соработка и олеснување во областа на производството на храна, земјоделството, трговијата со емисии на гасови и мобилноста на младите. Содржината на тие договори беше договорена за време на претходниот лабуристички премиер Кир Стармер.
Според „Гардијан“, проблемот е што планираното олеснување на трговијата со храна и земјоделски производи со ЕУ не е во согласност со договорите што Велика Британија ги има во оваа област со САД и други прекуокеански земји.
Покрај тоа, британското земјоделско производство повторно би морало да се прилагоди на стандардите на ЕУ, на пример во употребата на хемикалии, пишува „Гардијан“.
Сепак, најновите анкети покажуваат дека во Велика Британија речиси 60 проценти од жителите веруваат дека Брегзит бил грешка, а меѓу младите под 35 години, процентот на застапници на враќањето во ЕУ е до 80 проценти, пишува австриски „Стандард“.
„Стандард“ оценува дека самиот Бернам е поддржувач на повторното влегување на Велика Британија во ЕУ, но дека досега тоа јавно не го кажал.
Сепак, тој истакна дека од референдумот за Брегзит во 2016 година и конечното излегување на 1 јануари 2020 година, глобалната ситуација се променила и дека на многу поддржувачи на Брегзит не им било објаснето во времето на референдумот дека излегувањето од ЕУ значи и напуштање на единствениот пазар и царинската унија.
Поранешниот главен преговарач на ЕУ за договорот за Брегзит, Мишел Барние, изјави за Би-би-си дека Велика Британија не може да избере од елементите на единствениот пазар на ЕУ само она што ѝ се допаѓа, како да е тоа шведска маса.
Барние рече дека враќањето на единствениот пазар на ЕУ ќе бара од Велика Британија да ги почитува основните правила како и другите членки, а пред сè слободното движење на стоки, услуги, капитал и луѓе.


