Skip to main content
Економија, Македонија

Бакарот станува стратешки ресурс, Аргентина и Чиле го менуваат пристапот – каде е Македонија? 

07/09/2026  12:28

Глобалната трка по бакар и критични минерали сè повеќе ги менува и правилата на рударството. Доказ за тоа е новиот договорен чекор на Аргентина и Чиле, кои работат на создавање услови за бинационални рударски проекти во Андите. 

Двете држави повторно го активираат договорот за рударска интеграција од 1997 година, со намера да им овозможат на инвеститорите да споделуваат инфраструктура и да развиваат рударски проекти кои се протегаат преку државната граница. 

Тоа е модел со кој ресурсите се гледаат како стратешка економска можност, а не само како геолошки потенцијал. 

И токму тука се отвора прашањето за Македонија. 

Земјата има бакар и има потврдени наоѓалишта, но нивниот економски потенцијал сè уште не се претвора во нови производни капацитети. Иловица останува еден од најзначајните потврдени проекти во оваа област. 

Според податоците објавени од инвеститорот, во Иловица се утврдени 237 милиони тони ресурси и резерви, односно 225 милиони тони руда, во кои се проценети околу 410 илјади тони бакар. Проценетото искористување на бакарот е 84 отсто. 

Проектот е планиран со експлоатација од околу 10 милиони тони руда годишно, додека просечното годишно производство би надминувало 10 илјади тони бакар. 

Во време кога бакарот станува сè поважен за електроенергетската инфраструктура, обновливите извори, електрификацијата и индустриската транзиција, секое одложување значи и пропуштена можност за економско позиционирање. 

Аргентина и Чиле се обидуваат да ги усогласат своите правила за да го забрзаат развојот. Други земји ги олеснуваат условите за инвестиции во критични минерали. 

Македонија, пак, сè уште има ресурси кои остануваат неискористен потенцијал. 

Додека Македонија тапка во место, голем број држави засилено спроведуваат геолошки истражувања за присуство на критични минерали, особено бакарот чија цена расте на светските берзи на метали. Дури и наоѓалиштата што во минатото биле закочени повторно се активираат, каков што е примерот од најновата соработка меѓу Аргентина и Чиле. 

„Двете земји одобрија оперативни протоколи за рударските проекти „Викуња“, „НексоАндино“ и „Фило Сур“, чии минерални наоѓалишта се протегаат на границата помеѓу аргентинската покраина Сан Хуан и чилеанскиот регион Атакама“, се вели во соопштението на чилеанската влада, без да се откријат дополнителни детали. 

Министерот за рударство на Чиле, Даниел Мас претходно изјави дека рамката би можела да помогне во отклучување на повеќе од 20,7 милијарди долари инвестиции за нови 540.000 тони во годишното производство на бакар. Според пишувањата, за инвеститорите клучна атракција е транспортот, односно потенцијалот што го имаат аргентинските проекти во близина на границата на Андите, за пристап до чилеанските пристаништа. На тој начин, ќе се искористи инфраструктурата поврзана со најголемата индустрија за производство на бакар во светот, намалувајќи ги трошоците и помагајќи во пуштањето во употреба на нови рудници. 
 
„Развојот на бинационални проекти создава огромни можности за чилеанските добавувачи, за користење на чилеанската инфраструктура, за обезбедување услуги за аргентинската индустрија и за развивање партнерства“, истакна Хоакин Виларино, раководител на Советот за рударство на Чиле. 

Аргентина не произведува бакар од затворањето на рудникот Алумбрера во 2018 година. Но, овие проекти во развој би можеле да ја сместат меѓу 10-те најголеми производители на бакар во светот до 2030 година, велат аналитичарите. Заедно со Чиле, Аргентина би можела да биде клучен центар за снабдување со метал кој е критичен за енергетската транзиција.