Skip to main content
Македонија

Бајрамска порака на Реисот Шаќир Фетаи

29/03/2025  19:14

Почитувани верници и вернички, Браќа и сестри,

Утре е празникот Фитер Бајрам, кој е ден на радост и гордост за верниците кои со посветеност и побожност ги исполнија обврските од месецот Рамазан, постот и другите ибадети.

Денес се разделуваме од светиот месец Рамазан, и му благодариме на Семоќниот Алах што ни овозможи да го доживееме овој благословен месец во кој сведочевме дека постот е божествена обврска, чин на силно верување и свест за посветеност кон Бога.

Во текот на овој месец, нашите срца беа исполнети со верба и знаење, го подигнавме моралот, почитта, солидарноста, хуманоста, толеранцијата и мирот. Овој месец не охрабри да работиме за мирна, светла и позитивна иднина.

За верникот, празникот Фитер Бајрам е кулминација на овие заложби и ден на голема радост. Тоа е ден на победата на верата над неверието, победа на доброто над злото, победа на знаењето над незнаењето, победа на мирот над војната, победа на солидарноста над поделбите, победа на почитта над омразата и победа на човечноста над нечовечноста.

Фитер Бајрам е посебен ден, ден кој ја истакнува нашата длабока благодарност за нашата посветеност на Семоќниот Алах. Затоа, нека овој празник биде можност да ги зајакнеме нашите врски со другите, да изразиме љубов и почит кон нашите семејства, да подадеме рака за помирување и да се грижиме за оние на кои им е потребна помош.

Браќа и сестри,

Имам посебна чест, во име на Исламската Верска Заедница и во мое лично име, да ги пренесам најискрените честитки до сите верници, каде и да се наоѓаат, молејќи го Семоќниот Аллах да го прифати нашиот пост, молитвите и ибадетите и да не награди како што само Тој знае.

Честит Фитер Бајрам! Нека е за многу години за сите!