Skip to main content
Свет

Багеи: ЕУ е лицемерна кога го обвинува Иран за правото на самоодбрана од американската агресија

01/06/2026  12:04

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, денеска ја оцени како лицемерна и непромислена изјавата на Европската Унија во која Иран е обвинет за користење на своето право на самоодбрана од американската агресија лансирана од базите во соседните земји.

Како што рече, тоа е „школски пример за селективна морална огорченост“.

„ЕУ мора да остане верна на владеењето на правото и принципите на Повелбата на ОН, за кои долго време тврди дека ги почитува. Мора да престане да ги смирува агресорите и да ги обвинува оние што одговараат на нелегалните напади“, рече Багеи во објава на социјалната мрежа Икс.

Тој нагласи дека нападите на Иран врз тие бази и средствата што се користат за спроведување нелегални напади врз Иран претставуваат легитимна самоодбрана.

„Државите имаат утврдена законска обврска да не дозволат нивната територија или средства да се користат за инвазија на други земји“, заклучи Багеи.

Европската Унија во петокот издаде соопштение во кое „остро го осуди нападот на Иран врз Кувајт, што го наруши суверенитетот според меѓународното право“ и изрази целосна солидарност со Владата и народот на Кувајт.

„Ваквите напади претставуваат сериозна закана за регионалната безбедност и стабилност“, се наведува во соопштението на ЕУ.

Ден претходно, кувајтските власти го обвинија Иран за ракетни и беспилотни напади врз негова територија, оценувајќи ги како „опасна ескалација“ и додавајќи дека ваквите дејствија ги поткопуваат обидите за стабилизирање на регионот.