
Рекорден одѕив најавен за годинашните Бадникови поворки Здружението „Бадникови поворки“ на денешната прес-конференција пред Божикната пештера на Плоштадот „Македонија“ ги најави главните активности за овогодишната божикна манифестација, која со години ја промовира Македонија и надвор од нејзините граници. Организаторите посочија дека, и покрај тврдењата дека вниманието и интересот кај младите опаѓа, Бадниковите поворки бележат континуиран раст, а годинава се очекува и рекорден број учесници.
Според најавите, манифестацијата ќе се реализира во повеќе од 80 општини и населени места во земјата, како и во македонската дијаспора во Италија, Австрија, Словенија и САД, со што уште еднаш се потврдува нејзиниот обединувачки карактер и поврзувањето на различни генерации. Беше истакнато дека организацијата на божикни работилници, изработка на ѕвезди, проби и хуманитарни активности веќе е воспоставена практика во многу општини,.
Притоа беше изразена благодарност до Министерството за култура, Град Скопје и општините за континуираната поддршка. Годинава посебен акцент се става на програмите за деца, млади и ранливи категории, преку посети на домови за стари лица, читање божикни приказни, пеење песни, како и флеш-моб активности предводени од актерот Дарио Стојановски и млади музичари.
На прес-конференцијата беа претставени и нови симболични елементи трајна божикна ѕвезда, дело на графичкиот дизајнер Ангел Мицевски, како и уметнички магнет од Драган Китановски – Драш. Централниот настан ќе се одржи на 6 јануари на Плоштадот „Македонија“, со бадникова поворка што ќе започне во 12 часот од Музејот на Град Скопје, по што ќе следи музичко-сценската изведба „Божикна авантура“ со учество на над 40 изведувачи. По Скопје, мјузиклот ќе биде прикажан и во Кочани.
