Skip to main content
Економија

Азески панелист на Копаоник бизнис форум

02/03/2026  09:13

Копаоник бизнис форум што се одржува од 1 до 4 март оваа година, фокусот на дискусиите го става на теми што го обликуваат современиот глобален и регионален контекст, од индустриска политика и конкурентност, преку инвестиции и пазарот на трудот, до дигитална трансформација и одржлив развој, во присуство на лидери од бизнисот, академската и политичката област од регионот и меѓународни експерти од различни области. Централната тема на Форумот е „Индустриската политика во функција на долгорочниот економски раст на Србија“.

Во рамки на активностите на Копаоник, претседателот Азески ќе учествува и на настанот во организација на компанијата „Експо 2027“, под наслов „Експо 2027 под лупа: најголема шанса или најскапа илузија на Србија“. Идејата е преку отворен разговор да се дискутира со бизнис претставниците, но и со компанијата „EXPO 2027“ и компании кои имаат искуство со учество на светски изложби, за можностите, предизвиците и, пред сè, реалните економски ефекти од „Експо 2027“, како основ за согледување – дали и на кој начин Србија преку оваа глобална платформа, но и стопанството во државата, може да бидат активни учесници во процесот, а не пасивен набљудувач.

На бизнис форумот, којшто според учесниците и големината на одзивот веќе долго време го носи епитетот на регионалниот, Балкански ДАВОС, ќе се дискутира за актуелни теми: макроекономски политики, дигитална економија, креативни индустрии, вештачка интелигенција, регионална соработка, инфраструктура, инвестиции, иновации, банкарство и осигурување, земјоделство, зелена транзиција, здравство и образование. Но секако и за моменталните случувања во светот кои имаат силно влијание на економските текови.

Бизнис форумот во Копаоник е настан од висок профил. Повеќе од три децении, Форумот привлекува значителен број учесници од целиот регион. Партнерството со Мастеркард (Mastercard), обезбедува дополнителна поддршка, придонесувајќи за поголема видливост и подобрување на квалитетот на овој важен настан со 35 панел дискусии. Форумот е организиран од Алијансата на економисти на Србија под директно водство на претседателот на српското здружение на економисти Александар Влаховиќ, а покрај учесниците на Копаоник бизнис форум присуствуваат и шефови на држави, премиери и министри, високи претставници на регулаторни тела, претставници на меѓународни финансиски институции, научници, дипломати, деловни практичари и медиуми.