
Соопштение за јавност на АСОМ:
Јавната расправа за Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри која се одржа минатата недела во Собранието, според Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), покажа дека предложеното законско решение отвора серија прашања кои не може да се коригираат со поединечни измени, туку дека мора да се повлече и да се подготви целосно нов закон преку широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни.
Во текот на расправата, претставници на бизнис заедницата, експерти, вработени, граѓански организации и организации на лица со попреченост изнесоа сериозни аргументи и факти за штетните последици што би ги предизвикало усвојувањето на законот во предложената форма.
Претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, и на јавната расправа предупреди дека зад декларативните заложби за заштита на младите и граѓаните се крие обид за воспоставување државен монопол во онлајн приредувањето игри на среќа.
„Државата си создава подобри услови за себе отколку за сите останати. Замислете утре државата да донесе закон според кој една банка ќе плаќа помал данок од другите банки. Никој не би го прифатил тоа. Како може државата истовремено да биде и судија и натпреварувач во ист меч? Како може државата сама да ги пишува правилата и истовремено сама да биде фаворит? Тоа не е европски принцип, тоа не е слободен пазар, тоа не е уставно гарантирана еднаквост. Најзадоволни од овој закон се нелегалните оператори и криминалците кои брзо ќе ја вратат истата шема од деведесетите. Додека ние ќе затвораме легални компании, тие ќе отвораат нелегални канали. Додека ние ќе отпуштаме луѓе, тие ќе регрутираат нови клиенти без лиценца, без контрола и без давачки кон државата“, истакна Илијевски во Собранието.
Од асоцијацијата предупредуваат дека законот нема да го намали обложувањето ниту ќе ги заштити младите, туку ќе доведе до затворање на легалните приредувачи, раст на нелегалниот пазар и загрозување на илјадници работни места, додека предложеното решение отвора сериозни прашања за уставноста и еднаквоста на пазарот.
АСОМ потсетува на излагањето на Европскиот експерт Зоран Пухач кој оцени дека предложениот модел на оданочување е економски неодржлив и дека може директно да доведе до гаснење на легалниот пазар на игри на среќа. Тој предупреди дека оданочувањето на непостоечка заработка претставува преседан кој не постои во европската пракса. Пухач исто така нагласи дека државниот монопол не е решение за заштита на младите, бидејќи современите технолошки системи овозможуваат ефикасна контрола на возраста и одговорното играње без ограничување на пазарната конкуренција.
„Кога оданочувањето на разликата не достигнува сума од 1.000 евра, вие директно оданочувате нешто што не постои. Ако реалната заработка е 500 евра, вие оданочувате 1.000. Значи, ги оданочувате другите 500 евра кои ги нема, односно ја туркате компанијата во загуба. Сè друго води директно кон оданочување на загубите и тоа не е логично. Ваква одредба нема во друг закон во светот и тоа не е случајно, бидејќи води кон гаснење на легалниот пазар на игри на среќа. Тука станува збор за државен монопол и несериозен е аргументот дека се прави за заштита на младите особено кога во 21 век приватните компании во Европа користат софтверски решенија кои со само два клика совршено ја контролираат возраста, количината и редовноста на уплатите. Со монополот, државата само губи дополнителни приходи од лиценци и даноци кои би ги плаќале приватните приредувачи“, посочи Пухач на јавната расправа.
Од името на вработените во секторот, Стефан Крстевски од здружението „Сакам да работам“ предупреди дека усвојувањето на законот може да остави без работа околу 10.000 луѓе и да предизвика нов бран иселување. Тој потенцираше дека вработените со години живеат во неизвесност, иако работат во лиценцирани компании кои ги исполнуваат сите законски обврски. Крстевски праша дали државата има план како ќе ги згрижи семејствата кои би останале без егзистенција доколку легалните објекти бидат затворени.
„Надлежните, кои предлагаат затворање на легалните објекти за игри на среќа, ни должат одговор, каде ние да се вработиме? Со поминати професионални обуки и работно искуство за приредување на игри на среќа, по највисоки светски и европски стандарди. Дали сте свесни дека со евентуалното изгласување на овој закон, директно придонесувате за нови триесет пет илјади кандидати за иселување од Македонија?, посочи Крстевски кој во името на десет илјади вработени во секторот ги повика пратениците и премиерот да размислат добро, пред да го донесат законот во предложената форма.
Бранимир Ивановски од Националниот совет на инвалидски организации предупреди дека последиците нема да ги почувствува само индустријата, туку и илјадници лица со попреченост кои добиваат поддршка преку програмите на нивните организации. Тој потсети дека овие средства се користат за дневни центри, ортопедски помагала, спортски програми и други услуги кои значително го подобруваат квалитетот на живот на лицата со попреченост.
„Едната е со директна помош кон членовите, дали тоа е нивното згрижување во дневни центри, што Републичкиот центар за интелектуална попреченост „Порака” најмногу го практикува во своето работење. Дали е тоа набавка на ортопедски помагала за оние лица со потешка телесна инвалидност и слепило кои не можат да се набават согласно постоечкиот правилник за индикации за стекнување на право на ортопедски и други помагала“, истакна Ивановски пред пратениците.
Од Стопанската комора на Македонија беше истакнато дека законот е подготвен без суштински дијалог со бизнис заедницата и без доволно време за стручна анализа на неговите последици. Комората предупреди дека секторот обезбедува значајни приходи во буџетот, вработува илјадници луѓе и е дел од поширок економски екосистем. Оттаму побараа законот да биде повлечен и да продолжи дебатата со сите засегнати страни.
„Би сакала да посочам дека зборуваме за компании кои се видливи во системот, компании кои се членки на Стопанската комора, компании кои плаќаат и даноци, придонеси, имаат свои вработени и зборуваме не за двајца, пет, десет вработени, зборуваме за стотици илјада вработени во компаниите. Имајќи во предвид дека законот не беше достапен за да се разгледува низ службите и низ институциите, конкретно во Стопанската комора бараме да ни дадете одредено време за да можеме аргументирано да кажеме кои се нашите предлози како би можело да се моделираат одредени членови во предложеното законско решение“, истакна Даниела Михајловска Василевска од Стопанска комора пред пратениците во Собранието.
Претставниците на индустријата дополнително укажаа дека станува збор за компании кои со години инвестираат во локалните заедници, спортот, културата, здравството и туризмот. Зорица Маркова од „Аполонија Хотел и Казино“ од Гевгелија предупреди дека дополнителното даночно оптоварување ќе има сериозни последици врз работењето на компаниите кои веќе функционираат под специфични финансиски услови и побара предложените измени да бидат преиспитани.
„Ние сме општествено одговорна компанија и секојдневно поддржуваме и спонзорираме проекти во здравството, спортот, културата, уметноста како на локално така и на државно ниво. Казината немаат поврат на ДДВ, што значи сите наши трошоци се за 18% повисоки од споредба со другите бизниси. Затоа, ве молиме внимателно би сакале овој предлог за зголемување на даноците за казината за жива игра да биде повлечен или барем да има промени“, рече Маркова пред пратениците.
По силните критики во Собранието и сите изнесени недостатоци за предлог законското решение, АСОМ јасно потенцира дека предложениот закон отвора повеќе прашања отколку што нуди решенија. Сите учесници, од различни сектори со аргументирани излагања за одредени недоследности во различни членови од законот собранието се согласија дека е неопходен нов, инклузивен процес во кој ќе бидат слушнати аргументите на експертите, стопанството, граѓанските организации и вработените.
АСОМ повторно гласно посочува дека наместо носење на законот во сегашната форма, потребно е негово повлекување и подготовка на ново законско решение кое ќе биде правно одржливо, економски оправдано и општествено одговорно.


