
Основниот граѓански суд Скопје, по четиригодишна судска постапка, донесе пресуда со која делумно го усвои тужбеното барање на Орце Тодоровски, поранешен директор на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен заменик генерален секретар на партијата и актуелен помошник генерален директор на Македонската радио-телевизија (МРТВ), против поранешната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска и Град Скопје, поради клевета и навреда.
Според судската одлука, на прес-конференција одржана на 6 декември 2022 година, Арсовска изнела невистинити тврдења со кои му нанела штета на угледот и честа на Тодоровски. Изјавите се однесувале на наводна набавка на 150 автобуси од Унгарија, како и на тврдења дека Тодоровски посредувал за исплата на провизија во тој процес.
Судот оценил дека со ваквите изјави е сторена клевета, поради што Данела Арсовска е задолжена да му исплати на Тодоровски 100.000 денари на име надомест на нематеријална штета.
Покрај финансиското обесштетување, судот наложил Арсовска на сопствен трошок да ја објави изреката од пресудата во два дневни весници, како и во иднина да се воздржи од изнесување исти или слични невистинити и навредливи тврдења.
Со пресудата е утврдена одговорност и за Град Скопје, кој солидарно со Арсовска ќе треба да ја надомести причинетата штета и да ја објави изреката од пресудата во согласност со судската одлука.

