
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не се појави на локациите каде изминативе денови гореа депонии во главниот град. Во изјава за „Фактор“, таа објасни зошто ја немало на терен, нагласувајќи дека градската администрација целосно го исчистила делот од старата депонија Вардариште кој бил во надлежност на Град Скопје.
„За прв пат по 60 години, Град Скопје во целост го исчисти делот на старата градска депонија Вардариште кој беше под надлежност на јавното претпријатие Комунална хигиена и на таа локација повеќе не се генерира отпад. Останатиот дел од локацијата, кој се протега на 60 илјади метри квадратни, е во надлежност на општина Гази Баба и таа има обврска да го одржува просторот, како и Министерството за животна средина и МВР кои треба да делуваат против сторителите,“ изјави Арсовска.
За пожарот во Трубарево, Арсовска посочи дека немала никаква надлежност, бидејќи локацијата е надвор од ГУП на Скопје. „Трубарево е надвор од ГУП и Град Скопје нема никаква надлежност таму. Тоа е исто како да прашувате зошто како градоначалник на Скопје не сум ги посетила депониите во Тетово или Кочани,“ додаде таа.
Иако беше прашана и за сите три депонии, Арсовска не даде одговор за депонијата Дрисла, која исто така беше зафатена од пожар.