
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку писмено соопштение му се обрати на премиерот, Христијан Мицкоски, во кое го обвинува дека му дозволил на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, нелегално да легализира дивоградби. Арсовска вели дека Мицкоски дозволил Висар Ганиу и Ејуп Адеми на секој можен начин да се обидат да ја заплашат и да и се закануваат за да се повлече од разоткривање на, како што вели, криминалот што го прават во Скопје. Арсовска им порача – не ви се плашам и не се повлекувам.
„Мицкоски, денес ти се обраќам како жена, како човек, како градоначалник. Читај внимателно. Ги спречуваме дивоградбите на Ганиу повеќе од 3 години, враќаме документи и постапуваме, никој институционално не реагира. Денес кога на седница на совет на Град Скопје ќе се дискутира за случајот за незаконските дивоградби од Чаир што е пријавен во обвинителство, од кој неминовно ќе се отворат и сите останати криминали јас јавно те прашувам: 1.Кој од криминалците на ДУИ ти ги расчисти и затвори во оваа цела година додека си апсолутна власт во Македонија? 2.На кој од криминалците на ДУИ ти им покрена постапка и ги уапси со докажан криминал за една година додека си премиер, а втора година имаш твој Министер за внатрешни работи? 3.Дали си свесен дека Ганиу, Меџити и Адеми се на власт како функционери на ДУИ повеќе од 20 години? 4.Тие 150 дивоградби во Чаир сме ги спречиле незаконски да се легализираат и сме известиле за истото 2023, 2024 и 2025 година, време кога Висар Ганиу прво беше ДУИ, а потоа стана ВЛЕН“, пишува во соопштението.
Арсовска вели дека на Висар Ганиу никој не му е крив што му текнало на 20 март 2025 година да прави фалсификати за да ги запишува нелегално дивоградбите со кривично дело во катастар на недвижнини.
„Го фативме со криминалот и наместо институционално да не заштитиш, ти го браниш. Ти Мицкоски дозволи Висар Ганиу и Ејуп Адеми на секој можен начин да се обидат да ме заплашат, да ми се закануваат, за да се повлечам од разоткривање на криминалот кој им го фативме во Скопје. Ти Мицкоски дозволи Ганиу да те седне во скут, да го браниш место да го апсиш. Излезе на телевизија нарекувајќи го “господинот” Ганиу, да го застапуваш и се обиде со девалвации, со лични навреди и квалификации дополнително да ги подгрееш нападите кон мене, наместо да ги спречиш. Овие што се обидуваат да се заканат и етнички дека ќе се дестабилизирала државата бидејќи им фатив криминал, уствари дестабилизирани се самите бидејќи сега треба парите за дивоградбите што им ги зимале на луѓето да им ги враќаат“, вели Арсовска.
Ако не си вмешан во нивните криминали, вели Арсовска, не ги брани, биди премиер на сите граѓани и заштити не.
„Ако си вмешан и продолжиш да им бидеш адвокат, само ќе докажеш дека сте соучесници, а јас не се повлекувам и покрај заканите бидејќи за се имаме докази. Не политизирај, не филозофирај, постапувај и апси, почни од Висар Ганиу, па макар и брат да ти е. Да го направеше тоа, од мене и покрај тоа што сме противници ќе имаше целосна поддршка, затоа што би требало да сакаш да живееш во Македонија во која криминалци нема да можат, затоа што не се постапува утре да се заканат на твојата сопруга, сестра, мајка. Ако не превземеш чекор и покрај доказите за криминалот со дивоградбите тогаш си соучесник на фалсификатите и нема други оправдувања. А јас докази имам многу, не ви се плашам и не се повлекувам“, вели Арсовска.