
Денеска околу 14 часот на булеварот „Борис Трајковски“ во близина на населбата Пинтија се случи сериозен еколошки инцидент, откако пукнал резервоар во приватна фабрика за стиропор и ќеси. Од резервоарот истекла црна хемиска течност што преку атмосферската канализација завршила на коловозот, предизвикувајќи опасно загадување.
На терен веднаш интервенираа полициски екипи и Територијалната противпожарна бригада на Скопје, при што сообраќајот беше пренасочен, а беа преземени мерки за изолирање и расчистување на просторот. Инспекторите од Град Скопје излегоа на увид и составија записник за хаваријата.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на Фејсбук информираше дека станува збор за компанијата „Екопор“, која не презела мерки и покрај претходен инспекциски извештај во кој било нотирано истекување на вентил под притисок. Таа посочи дека за ваков тип на хаварија, покрај парична казна од 45.000 евра, следува и затворање на погонот, како и налог за санирање на причинетата штета.
Арсовска упати апел до Општина Кисела Вода, под чии надлежности се наоѓа објектот, како и до ресорното Министерство, да постапат согласно своите надлежности и да го санкционираат правното лице што ја предизвика хаваријата. Истрагата за причините и последиците од инцидентот е во тек.