Skip to main content
Македонија

Апасиев: Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судија да не одговара за непримена на право

29/12/2025  13:56

Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, на собраниска седница го критикуваше предложениот закон за судството оценувајќи дека станува збор за козметички, а не за суштински промен, кои нема да ја искорената корупцијата во правосудството.

„Како што велеше често на предавањата почитуваната професорка, која што го спомна патем и овој закон во годинешното обраќање, правен илузионизам е да сметаме дека ние со промена на законот ќе ја промениме и перцепцијата за судството и корупцијата во судството”, порача Апасиев, потсетувајќи на римската мисла „Corruptissima respublica, plurima leges” – колку повеќе закони толку повеќе корупција.

Тој посочи дека во Македонија има околу 800 важечки закони кои создаваат „каша-попара” во правниот систем, до степен што, како што рече, „и самите судии не знаат кои одредби важат, а кои се укинати”. 

Според него клучниот проблем е што законот не го воведува изборот на најдобриот кандидат за судија како задолжителен критериум. „Ако сакаме објективни критериуми, има да воведеме првиот од ранг листата да мора да биде избран, да не зависи од волjата на овие во Советот”.

Апасиев предложи радикални резови како ограничување на мандадтот на судиите на девет години без можност за реизбор, воведување на објективни критериуми за автоматско разрешување како и укинување на фактичката неодговорност на судиите. „Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судијата да не одговара за незаконска примена на правото”.

Во своето излафање се задржа и на слободното судско уверување кое го нарече „системска корупција”. 

„Сум бил сведок, како тогашен асистент, кога го фатија еден судија со две искуцани пресуди. Едната одбивателна, другата усвојувачка. И сега кој ќе даде повеќе пари, таа ќе ја пушти. Па зошто ќе ја пушти? Па ќе ја пушти оти има слободно судиско верување”, кажа пратеникот.

Апасиев предупреди и на непостоење на антинепотистички механизми во правосудството и истакна дека цели апелациони подрачја се окупирани, од како што рече, фамилијарни кланови. 

„Не може мајката е судика, синот е адвокат, ќерката е во обвинителство, мажот е нотар, зетот е извршител. До кога така? Барем на ниво на апелационно подрачје имаме правна можност како држава да го решиме, а да не биде дискриминација, нели? Детето на судија нема да биде адвокат во истото апелационно подрачје на неговата мајка. Многу елегантно можеме тоа да го решим, но не сакаме, немаме политичка волја тоа да го направиме”, посочи тој.

Како дополнителни системски слабости ги наведе заедничката обука на судии и обвинители, недостатокот на централна база на судиски одлуки, непостоење на јавни биографии на судиите, слабата дигитализација и ниските плати на судските службеници.

„Се правиме при очи слепи. Со вакви закони не се чисти византиска корупција”, заклучи Апасиев.