
На гостувањето во емисијата „24 анализа” на ТВ24, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, се осврна на актуелните политички случувања, институционалните скандали и системските слабости што ја разјадуваат државата. Апасиев посочи дека зад навидум одделните случаи стои ист проблем: партизација на институциите, заштита на политички и семејни мрежи и отсуство на политичка одговорност.
Осврнувајќи се на серијата случаи на насилство врз жени, Апасиев посочи дека државата повторно покажува целосна неспособност да воспостави превенција и институционална заштита. Измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство со месеци се заглавени во собраниска процедура, и покрај алармантните случаи и потребата од итно постапување. Тој потсети дека по трагедијата во Кочани, единствената законска промена што ја спроведе законодавната власт беше забраната за употреба на пиротехника во затворен простор.
Дополнително, Апасиев ја посочи потребата од вистинска надворешна контрола врз полицијата, наместо систем во кој полициските структури практично се контролираат самите себе. Според него, необученоста, непостапувањето и колегијалната заштита на полициските службеници, во комбинација со партиските вработувања и локалните моќнички мрежи, создаваат средина во која институциите не ги штитат граѓаните, туку ги штитат привилегираните.
Посебно се осврна на случајот со насилството во Охрид, кој, според него, ја разобличи поврзаноста на локалните моќници со правосудните институции. Првичната мерка за претпазливост, а потоа и одредувањето 30-дневен притвор, отворија сериозни прашања за начинот на кој се постапувало во случајот и за влијанието на моќните семејни и партиски структури. Апасиев посочи дека токму ваквите случаи ја покажуваат потребата од антинепотистички закон, особено во правосудството, каде што семејните и професионалните врски можат да создадат затворени кругови на влијание. Тој нагласи дека обвинителот бил сменет дури по силниот притисок од јавноста, по што биле отворени и дополнителни постапки.
„ДПМНЕ води ПР, не води политика”, порача Апасиев, посочувајќи дека власта реагира дури откако ќе ја измери реакцијата на јавноста, наместо самостојно и навремено да презема политичка одговорност.
Во однос на трагедијата во Кочани, Апасиев информираше дека како претседател на Постојаната анкетна комисија ги подготвил предлог-заклучоците и ги доставил до пратеничките групи. Родителите на загинатите подготвиле сопствени заклучоци, за кои, според неговите зборови, Левица, СДСМ и ДУИ покажале подготвеност да ги прифатат, додека ДПМНЕ сè уште нема соопштено став, иако располага со мнозинството членови во Комисијата. Апасиев порача дека Комисијата може да продолжи со работа веднаш штом ДПМНЕ се произнесе.
Истовремено, посочи дека посебната анкетна комисија за трагедиите во Кочани и во тетовската модуларна болница сè уште не е конституирана, бидејќи единствено Левица ги делегирала своите членови. Ниту ДПМНЕ ниту СДСМ не ги делегирале своите претставници. Според Апасиев, ваквото одолговлекување го блокира парламентарниот надзор и отвора сомнеж дека двете најголеми партии не сакаат да се утврдува политичката и институционалната одговорност за трагедиите.
Осврнувајќи се на извештајот на Европската комисија, Апасиев посочи дека отсуството на напредок во борбата против корупцијата е суштинската слабост на државата. Според него, политичките елити не сакаат вистински промени, бидејќи се навикнати да паразитираат врз системот што самите го создадоа.
Тој нагласи дека корупцијата не може да се сведе само на местење тендери и поединечни кривични дела, туку дека постои и системска, легализирана корупција, вградена во начинот на кој функционираат институциите и јавните претпријатија.
Како неопходни системски мерки ги посочи:
- Донесување закон за потекло на имотот, со кој ќе се проверува дали имотот и животниот стандард на функционерите одговараат на нивните пријавени приходи.
- Забрана за учество на јавни тендери за фирми што донирале средства на политички партии, во период од 10 или 20 години.
- Укинување на зависноста на јавните институции од приватни агенции за обезбедување, особено кога државата располага со бројност на полицијата над европскиот просек.
- Ставање крај на посредувањето на приватни агенции за привремени вработувања во јавниот сектор, преку кои, како што посочи, се одлеваат дополнителни средства од платите и трошоците за вработените.
- Преиспитување на скапите адвокатски и менаџерски договори во јавните претпријатија, преку кои се исплаќаат милионски суми за услуги што треба да бидат во рамки на редовното функционирање на институциите.
- Спречување на влијанието на лоби-групите врз законодавниот процес, бидејќи лобирањето, според Апасиев, претставува легализирана форма на корупција кога интересите на моќните групи се ставаат пред интересите на граѓаните.
„Не го прифаќаме веќе аргументот дека нема пари. Не, не – пари има, само течат од сите страни”, порача Апасиев, обвинувајќи ги политичките елити дека со години создаваат механизми за системско извлекување јавни средства. Тој оцени дека СДСМ и ДПМНЕ, и покрај меѓусебните политички конфликти, се штитат кога станува збор за одговорноста за корупцијата.


