
Најновата анкета на јавното мислење, презентирана вечерва од јавниот сервис, ја открива сложената слика на македонското општество – поделено во перцепциите за сегашната состојба, но со умерен оптимизам кога станува збор за иднината.
На прашањето каков ќе биде животот во Македонија во следните неколку години, речиси половина од испитаниците – 48,1% – одговориле оптимистички. Од нив, 19,7% очекуваат животот многу да се подобри, а 28,4% веруваат дека ќе има умерено подобрување. Наспроти тоа, 21,3% се песимисти, сметајќи дека животот ќе се влоши (10,8% донекаде и 10,5% многу). Стабилна состојба, односно дека ништо нема да се смени, очекуваат 19,4% од анкетираните.
Во однос на насоката во која се движи државата, резултатите покажуваат речиси изедначени табори. Вкупно 47% од граѓаните сметаат дека Македонија оди во погрешна насока (29,8% целосно погрешна и 17,2% донекаде погрешна), додека 44,6% веруваат во правилен курс (14% целосно, а 30,6% донекаде).
Граѓаните се поделени и во споредбата на сегашниот живот со оној од пред неколку години. Мало мнозинство од 40,7% смета дека денес се живее подобро (19,1% многу подобро и 21,6% донекаде подобро). Полошо живеење детектираат 33,9% (16,3% донекаде и 17,6% многу полошо), додека 21,7% не гледаат никаква промена.
Анкетата е спроведена телефонски на репрезентативен примерок од 1.126 испитаници во текот на месец септември.